Полковник Азим Нуредин – нов Аѓутант на Претседателот на Република Македонија Иванов

Полковник Азим Нуредин, со Указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, е поставен за нов Аѓутант на Врховниот Командант на Вооружените Сили на Република Македонија.

Полковник Нуредин военото образование го започнал во Средното Воено Училиште во Белград, веднаш по завршувањето на основното училиште, а Воената Академија ја завршил во Скопје. Дипломирал на командно-штабна академија „Генерал Михајло Апостолски” – Скопје и завршил Високи одбранбени студии во школото за Национална Одбрана во Р.Турција. Во текот на воената кариера извршувал бројни должности како командир на вод, чета, командир на караула и командант на баталјон и командант на гарнизон, како и бројни штабни должности во специјалните и механизирано пешадиските единици во неколку гарнизони и единици во Армијата на Република Македонија. Во досегашната војничка кариера има завршено бројни курсеви и учествувано во воени вежби во Република Македонија и странство. Во 2014 година учествувал во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде е одликуван со НАТО медал за учество во мировна мисија. Активно го користи турскиот и англискиот јазик.

Досегашниот Аѓутант на Врховниот Командант на Вооружените Сили на Република Македонија, бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски, продолжува со извршувањето на должноста командант на полкот за специјални операции на АРМ.

Примопредавањето на должноста Аѓутант на Врховниот Командант на Вооружените Сили на Република Македонија беше извршена денеска при свечената церемонија на менување на државното знаме во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.