Груевски-Вучиќ: Заедничката седница потврда за одличните односи

Одржувањето на втората заедничка седница на владите на Македонија и на Србија во Скопје, по првата одржана во Белград, е уште една потврда за континуитетот и одличната соработка помеѓу двете држави, која во целост кореспондира со стратегијата на Владата на Република Македонија за континуирано унапредување на добрососедските односи со државите од непосредното соседство.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски по денешната заедничка седница на двете влади, која главно беше во фокусот на економската соработка. Конструктивна и продуктивна заедничка седница на владите, заклучи тој, изразувајќи очекување 7-те договори кои денеска беа потпишани да бидат нов економски импулс кој ќе биде во интерес и на двете земји.

„Македонија и Србија се пријателски земји. Се согласивме дека одличните политички односи даваат стабилна основа за натамошна надградба на економската соработка и просперитет, што е приоритет на двете влади. Заеднички е заклучокот дека подобро економско поврзување може да се оствари преку реализација на конкретни проекти, инфраструктурно и енергетско поврзување, како и преку стимулирање на трговската размена, инвестиции и заеднички настап на трети пазари,“ рече Груевски.

Двете земји, потенцира, ќе продолжат со активностите за зголемување на трговската размена и овозможување соработка на бизнис заедниците и приватниот сектор во двете земји.

„Преку потпишувањето поголем број договори денеска, преку пракса се покажува дека овааа форма на соработка преку заеднички владини седници генерира и реализација на многу конкретни иницијативи во различни области и на тој начин придонесува за продлабочување на севкупните билатерални односи“ истакна премиерот Груевски.

Тој додаде оти се разговарало и за евроинтеграциите, за реформите кои се спроведуваат, а кои имаат за цел развој во секоја општествена сфера и достигнување повисоки стандарди.

„Уверени сме дека на евроинтегративниот пат, ние земјите од регионот треба заеднички и посветено да работиме на процесот на јакнење на дијалогот, на затворање на отворените прашања од минатото, со почитување на принципите на меѓународното право, јакнење на добрососедството и ублажување на ефектите од глобалната економска криза, а истовремено да создаваме и спроведуваме проекти кои ќе значат поголем економски раст и отворање нови работни места за граѓаните, што ќе овозможи нашите земји да се движат напред“, нагласи претседателот на македонската Влада.

Во рамки на седницата, сите присутни ресорни министри на владите на Македонија и на Србија остварија средби и адресираа бројни иницијативи и предлози, со намера тие што побрзо да бидат усогласени и спроведени.

Заедничките владини седници, според двајцата премиери, го потврдуваат високото ниво на меѓусебниот дијалог во кој доминираат соработката и односите базирани на меѓусебното почитување и уважување.

Ставот на премиерот на Србија Александар Вучиќ е дека денешната заедничка седница на двете влади е поуспешна од првата одржана во Белград затоа што, како што рече, имале можност некои работи да ги конкретизираат во однос на заеднички проекти кои треба да се реализираат. Меѓу другото, подвлече тој, разговарано е како да се заштеди во буџетите на двете земји, како и на кој начин да се завршат прашањата за Коридорот 10, во исто време во септември 2016 година. Ја спомена и можноста во одредени земји да се споделуваат дипломатско-конзуларните претставништва во рамки на мерките на заштеда.

„Сметам дека е многу важно да се работи на проекти од областа на енергетиката, како што е 400 киловолтното поврзување на далноводот до Штип, потоа гасна интерконекција помеѓу Врање и Куманово, како и изградбата на пругата која што води до територијата на Грција, а е од голем интерес за двете држави“, рече Вучиќ, додавајќи оти Македонија е една од првите пет најважни трговски партнери на Србија.

Груевски и Вучиќ уште еднаш потврдија дека најголем дел од средбата се разговарало за изградба на автопатишта, железничка пруга, гасовод енергетско поврзување, како и дополнителни чекори за создавање повеќе контакти на приватни компании од двете држави. Било разговарано и за можноста да се излезе со заедничка туристичка понуда на европскиот и светскиот пазар.

На барање на новинарите да ги коментира чекорите на македонската влада за реформи во економијата и привлекувањето странски инвестиции, премиерот на Србија истакна дека многу го почитуваат она што се работи во Македонија и пристапот кој се применува, како и растот што го прави.

„Ние учиме и прифаќаме од сето она што се случува во Македонија. Сите паметни луѓе учат од сите оние за кои сметаат оти од нив можат да научат, а ние многу учиме од нашите македонски колеги“, рече Вучиќ.

Инаку, денеска беа потпишани седум документи меѓу владите на двете земји за соработка во економијата, туризмот, железничкиот сообраќај, образованието, заштита на животната средина, културата и за надворешна политика.

zaednicka_sednica10