Високо ниво на соработка во областа на одбраната помеѓу Македонија и Србија

Денес, на маргините на заедничката седница помеѓу владите на Република Македонија и Република Србија, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, оствари тет-а-тет средба со неговиот српски колега, министерот Братислав Гашиќ.

На средбата министрите го потенцираа високото ниво на соработка во областа на одбраната која постои помеѓу Република Македонија и Република Србија. Министерот Јолевски истакна дека заедничкото учество во Балканските медицински сили, обучувањето на воениот персонал и соработката помеѓу Воените академии на Македонија и Србија се само дел од областите во кои соработуваат двете земји и двете армии. Во оваа прилика, министерот Јолевски додаде дека треба да се разгледа можноста за заедничко учество во мировните операции под покровителство на Обединетите нации, со цел задржување на континуитетот на борбената подготвеност на припадниците на Армијата на Република Македонија и на Војската на Србија. Од исклучително значење, додаде министерот е и можноста за обука во Воено медицински центар во Република Србија, како и искористувањето на заедничките капацитети за тренинг и обука.

Министерот за одбрана на Република Србија, Гашиќ, истакна дека соработката помеѓу двете министерства е на високо ниво која е воочлива од големиот број на започнати и реализирани активности особено во изминативе години. Гашиќ, дополнително истакна дека со потпишувањето на планот за соработка во одбраната во јануари оваа година, се придонесува кон поголем меѓусебен развој особено преку размена на искуства од мировните мисии и регионалните центри за обука.

На состанокот министрите за одбрана на Македонија и Србија заклучија дека комуникацијата и соработката помеѓу двете земји е на највисоко ниво, факт со кој се придонесува кон мирот, стабилноста, демократијата и просперитетот во регионот на Југоисточна Европа.

DSC_7240_resize