Плзен и Монс – културни престолнини на Европа

Градот Плзењ од Чешката Република и Монс од Белгија се избрани за европски градови на културата за 2015 година и ќе бидат домаќини на низа културни настани во текот на овие 12 месеци, како концерти, изложби и урбани уметнички случувања.

Плзењ се наоѓа на околу 90 километри западно од Прага, со 170.000 жители и претставува центар на академскиот, бизнис и културниот живот во западниот дел на Чешка, а центарот на градот е под заштита на УНЕСКО.Историски, Плзењ првпат се споменува како замок во 976 година, а станува град во 1295 година.

Градот е познат во светски рамки по прочуеното пиво „Пилзенер“ или само „Пилс“, создадено во 1842 година од баварскиот пивар Џозеф Грол, по чија традиција се прави и македонското пиво „Скопско“. Исто така, во градот се наоѓаат и фабрики на автомобилската компанија „Шкода“, формирана во 1859 година. Универзитетот на Западна Бохемија во Плзењ е добро познат по своите Правен, Машински и Факултетот за применети науки. Плзењ може да се пофали и со нова модерна театарска зграда, а ги негува и локалните традиции на песни и ора. Исто така, интересно е и тоа што Синагогата во Плзењ е трета по големина во светот, веднаш зад оние во Ерусалим и Будимпешта.

Белгискиот град и општина Монс, што значи планина, е основан во 7. век, сега брои повеќе од 93.000 жители, а бил сообраќаен јазол уште од средниот век, како и важен рударски и индустриски центар. Од 1967 година, Монс е врховно седиште на НАТО во Европа.

Центарот на градот главно се состои од куќи изградени од црвени тули. Патеката на Винсент ван Гог е вистинска туристичка атракција во Монс, која опфаќа две мали куќи од црвени тули во кои пред повеќе од еден век живеел младиот сликар кој бил помошник кај евангелистички свештеник. Како репрезент на уметноста, покрај Ван Гог, Монс може да се пофали и како родно место на композиторот Орландо ди Ласо. Забележително е и тоа што францускиот поет Пол Верлен таму бил во затвор. Главно традиционално случување во градот е карневалот Дуду, со карактеристичната Лумекон битка помеѓу Свети Ѓорѓи и змејот.

Во рамките на мандатот на европски град на културата, во Монс ќе бидат отворени пет нови музеи и една концертна сала, а реновирани се и повеќе градби од 16. и 17. век.

Инаку, титулата Европски град на културата, која е воведена уште во 1985 година, има за цел да ја нагласи разновидноста и богатството на европската култура и да се негува европскиот идентитет. Добивањето на оваа чест, за избраните европски градови значи промоција на меѓународна сцена, социо-економски развој и привлекување туристи.

Повеќе од 50 градови на Стариот континент веќе ја имаа честа да бидат културни престолнини на Европа, а од 2011 година, оваа титула ја добиваат два града од две различни земји на ЕУ.

Европската комисија е организатор на „Европски град на културата“ и секоја година Советот на министри на Европската Унија ги назначува градовите кои ќе ја промовираат европската култура, додека Меѓународна комисија на културни експерти е задолжена за оценување на предложените градови.

Минатата година приматот eвропски градови на културата го имаа летонскиот главен град Рига и шведскиот Умео.