Кузески: Градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ за две години не успеаја да реализираат ниту еден од приоритетните капитални проекти

Општинската организација на СДСМ Охрид, денес одржа прес-коференција, на која говореше портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.

„Градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ за две години не успеаја да реализираат ниту еден од приоритетните капитални проекти што им ги ветија на охриѓани во нивната изборна програма за време на локалните избори. И не само тоа, туку сега почнаа безмилосно да го раскрчмуваат атрактивното државно земјиште во Охрид, под Плаошник.

Oпштина Охрид има намера да отуѓи 200 метри квадратни атрактивно државно градежно земјиште, односно да го продаде бадијала, без никакво образложение.

Градежната парцела, на која се предвидува изградба на станбен објект на три ката, е дел од боровата шума под Плаошник. Локацијата се наоѓа на левата страна од патот за црквата Св. Јован Богослов Канео, непосредно над куќите во месноста Канео.

Продажбата се планира да биде извршена на 2-ри март а почетната цена за еден метар квадратен што го одредила општина Охрид изнесува само 25 евра.

За споредба, пазарната вредност при продажба на куќи во тој дел од градот изнесува најмалку 1.000 евра за еден метар квадратен, додека цената на неизградено градежно земјиште се движи над 500 евра за еден метар квадратен.

Зошто Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ да го продаваат најатрактивно градежно земјиште со почетна цена дури 20 пати пониска од реалната пазарна цена?

Кој стои зад ваквата срамна бизнис зделка и за чии интереси се отуѓува најатрактивната градежна парцела во Охрид?

Зошто општината на тоа место не изгради еден мултинаменски репрезентативен објект за потребите на градот и граѓаните, наместо да го продава бадијала на приватни лица за изградба на станбен објект?

Охриѓани очекуваат одговори на овие прашања, затоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ воопшто не води сметка за нивните интереси и за имотот на граѓаните.“– истакна Кузески.

Од ОО на СДСМ Охрид бараат веднаш да се поништи објавениот оглас и неодложно да се стопира како што велат штетната продажба на атрактивната локација.

WebOhrid