Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денеска го посети СОС Детско село. Во изјава за медиумите тој информираше дека е објавен нов оглас за вработување на 30 деца без родители и родителска грижа преку програмата Д10 кој трае до 4 март.
„Сите оние кои што се заинтересирани и кои што немаат редовно работно место можат да аплицираат, а биле деца без родители и родителска грижа до 18 години и се во оваа категорија на лица. Исто така би сакал да потенцирам дека оваа програма се реализира од 2013 година и замислата е системски да се реши проблемот за вработување на децата без родители и родителска грижа. До сега се вработени 83 деца без родители и родителска грижа, а во тек е постапка во завршна фаза, за вработување на 30 деца и ова е новиот оглас кој што е објавен и кој што трае до 4 март и сите оние кои што се заинтересирани уште еднаш би сакал да ги поттикнам да аплицираат и да ја искористат оваа можност за да го регулираат сопствениот работен статус”, рече Спасов.
Спасов нагласи дека од 2013, со финализирање на овој оглас ќе се вработат 143 деца без родители и родителска грижа во јавната и државната администрација. Тој посочи дека ова е успешен показател и едно системско решение со кое практично се покажува дека со државна помош може да се создаде сигурна иднина, за овие деца и ќе имаат можност да обезбедат редовно работно место и редовни приходи и практично да застанат на здрава основа и да продолжат во иднина да се реализираат себеси.
„И понатаму како Влада ќе продолжиме со директна и непосредна грижа за оваа категорија на деца, за децата без родители и родителска грижа впрочем како тоа што го правиме изминатиов период и ќе продолжи интензивната соработка со СОС Детското село”, заврши Спасов.
5.250.000 денари се издвоени за вработувања за реализација на последниот оглас, a вкупно досега се издвоени над 34.000.000 денари за реализација на вкупно 143 вработувања на деца без родители и родителска грижа.