Каталог за сликите во Музејот на македонската борба

Сликите во Музејот на македонската борба, кои ја претставуваат историјата на македонскиот народ и неговата борба за слобода, се претставени во публикација-каталог „Слики со историска тематика“ на проф. Владимир Величковски.

Каталогот е заокружување на процесот на визуелизација на историјата на платна на кои се претставени масовни сцени, но и портрети на познати историски личности (револуционери и преродбеници). Во изданието авторот дава податоци за секоја слика, за уметникот што ја создал и за процесот на работа – од скица до завршено дело.

Сликите во Музејот ги илустрираат клучните настани во македонската историја во временски опфат од речиси еден век, почнувајќи од Разловечкото востание, двата Илиндена, создавањето на македонската држава, периодот на репресии на тие што барале целосно решавање на македонското прашање, улогата на македонската емиграција во градењето на државата…

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека се работи за исклучително двојазично издание, во кое на повеќе од 150 богато илустрирани страници е прикажана генезата на создавањето на 109-те уметнички дела – масло на платно, на 38 реномирани ликовни уметници од Македонија, Русија, Украина, Бугарија и од Србија.

„Сите овие автори се мошне етаблирани во европскиот културен простор… На создавањето на овие дела претходеше многу напорна работа, долг и сложен процес со многубројни истражувања и посети на автентични локации. Сите дела се работени врз основа на фотографии, архивски материјали, научни студии, како и врз конкретни сугестии и упатства од страна на историчарите “– рече Канческа-Милевска.

Таа додаде дека колекцијата е непроценливо наследство за идните генерации и дека над 150.000 посетители во три и пол години постоење ги оправдале напорите за изградба на Музејот на македонската борба.

Авторот на каталогот, Величковски, рече дека задачата ликовниот дел во Музејот да биде поддршка или надополнување на историската приказна била грандиозна, но и многу одговорна.

„Рамката ја одредија историчарите, а мојата задача беше визуелниот дел, да направиме што поуверлива претстава на масовните сцени и на портретите. Иако сликарскиот аспект е придружен, има многу впечатлива улога“ – рече Величковски.

Се внимавало сликите да имаат уметничка вредност која често недостига кај ликовни дела со историска тематика. Во периодот на соц-реализмот, на пример, има акцентирање на херојските подвизи и идеализирани настани.

„Улогата на професор Величковски беше да ги препознае замките… Овде има високозадоволувачко ниво кое нуди едукативна информираност, но и естетско доживување “– рече Татјана Филиповска, историчарка на уметноста, која зборуваше за задачата на Величковски во вредносното оценување на сликите кои се во поставката на Музејот.

Таа истакна и дека каталогот е заокружување на амбициозната идеја да се реафирмираат моментите од македонската историја кои биле занемарени по Втората светска војна и тие да и се претстават на јавноста. Во целата збирка историски слики, рече таа, доминираат на уметници од Русија каде што ваквото сликарство има долга традиција.

„Тие се виртуози во третманот на екстериерот, ентериерот, пејзажот, суверено владеат со светлото и композицијата “- додаде Филиповска.

01c_promocija