Ставрески: Нов пат од Ранковце до бугарска граница, на Коридорот 8

Комплетно нова траса на потегот од Ранковце до Крива Паланка ќе се гради со средства од Светска банка. Владата е веќе во разговори со оваа меѓународна финансиска институција и се очекува проектот да биде одобрен наесен.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на одбележувањето 93 години од основањето Стопанската комора на Македонија.

„Коридорот 8 и 10 се нашите приоритети. Новина е дека Владата е веќе во поодмината фаза на разговори со Светска банка за финасирање на делот од коридорот 8 од Ранковце кон границата со Бугарија. Очекуваме некаде на есен Светска банка да го одобри тој проект и да се исфинансира комплетно нова траса на патот од Ранковце до Крива Паланка во првата фаза, а во втората фаза да следи рекнострукција на патот од Крива Паланка до границата со Бугарија и да се интензивира градбата на железничката пруга кон Бугарија“, истакна Ставрески.

Додаде дека во исто време се работи на проектната документација за железничката пруга кон Албанија од Кичево до Лин и оти со европските институиции, односно со Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка се разговара и за финасирање на тој проект.