Претседателот Иванов се сретна со претседавачот на ОБСЕ, Ивица Дачиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Ивица Дачиќ, прв потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија, кој во улога на претседавач на ОБСЕ престојува во работна посета на Република Македонија.

На средбата претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени улогата на ОБСЕ и поддршката што ја дава на земјата во повеќе сфери – владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот.

Претседателот Иванов изрази задоволство од фактот што Република Србија, како земја сосед на Република Македонија, претседава со ОБСЕ, и во тој контекст изрази уверување дека српското претседателство на соодветен начин ќе ги изрази интересите на регионот.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, целосно ја поддржува работата на организацијата и на српското претседателство.

Македонскиот претседател го запозна претседавачот на ОБСЕ, г. Дачиќ, дека за Република Македонија останува клучниот предизвик да се деблокира статус-кво состојбата во интеграциите, додавајќи дека евро-атлантските интеграции даваат дополнителна кохезивна сила во нашето општество.

На средбата се разговараше за состојбите во поширокиот регион, како и за актуелните ангажмани на српското претседателство со ОБСЕ, особено во контекст на справувањето со феноменот на странски борци и насилниот екстремизам.

Српското претседавање со ОБСЕ, порача претседателот Иванов, треба да се искористи за зајакнување на соработката во нашиот регион по прашањето за справување со насилниот екстремизам и странските борци, истакнувајќи дека се потребни соодветни проекти, во соработка со ОБСЕ, за соочување и превенција од овие закани.

Соговорниците разменија мислења и за кризата во Украина, како еден од актуелните приоритети на организацијата. Во таа насока, претседателот Иванов уште еднаш ја нагласи поддршката на напорите на ОБСЕ и на српското претседателство за изнаоѓање на дипломатско решение на проблемот.