СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ панично и очајно се обидува да го оттргне вниманието на граѓаните од „Вистината за Македонија“

Општинската организација на СДСМ Охрид, денес испрати соопштение, во кое стои:

По објавувањето на скандалозните информации за прислушувањето, местењето судии и судски одлуки и изживувањето во монтирани политички процеси од страна на власта, ВМРО-ДПМНЕ панично и очајно се обидува да го оттргне вниманието на граѓаните од „Вистината за Македонија“. Општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ деновиве тргнаа во бескрупулозна битка за освојување на интернет сферата и социјалните мрежи, злоупотребувајќи ги вработените во државните и општинските институции, но и учениците во училиштата.

Во Охрид е издадена наредба до директорите на јавните претпријатија, училиштата, градинката, болниците и други државни и општински институции, вработените и ангажираните во овие институции, на своите фејсбук профили масовно да споделуваат вести за афирмација и величење на владини проекти. Истовремено, партиските активисти од ВМРО-ДПМНЕ имаат задача да ја следат активноста на социјалните мрежи на сите оние кои чекаат решение за вработување, а се со договор на дело, како и на оние кои чекаат повик за работа. Притоа, се користат лажни фејсбук профили и се дистрибуираат тези за црна кампања против опозицијата.

Од случаите со коишто сме запознаени, на вработените во градинката, преку закани, уцени и заплашување, им се воведуваат дежурства за да ги користат своите фејсбук профили во партиски цели. Ова посебно се однесува на вработените што чекаат решавање на својот работен статус, па се приморани да извршуваат вакви непрофесионални, неетички и недостоинствени активности. Истовремено, партиски активисти во ВМРО-ДПМНЕ, што се вработени во градинката, им ги бројат објавените вести и „лајковите“ на своите колешки и ги следат нивните интернет активности.

Тоа истото се случува и во училиштата во Охрид. На тој начин, човечкото достоинство на голем дел од наставничкиот кадар е срозано до најниско ниво. Во некои средни училишта се одело до таму, што за истите цели се злоупотребуваат ученици. Одреден број од нив се ослободуваат од настава, со оправдание дека наводно се подготвуваат за натпревар, а нивна задача е да бидат активни на социјалните мрежи во партиски цели.

СДСМ Охрид најостро ги осудува ваквите недостоинствени и неетички партиски активности на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, како и на раководните лица во општинските и државните институции и установи. Истовремено, СДСМ Охрид ги охрабрува граѓаните, без разлика на политичката или други различности, во име на сопственото човеково и професионално достоинство и во име на заштита на децата, одлучно да се спротивстават на ваквото срамно незаконско институционално насилство.“- стои во соопштението.