Општина: Како никогаш досега општина Охрид макотрпно работи и го стимулира развојот на спортот, масовниот и училишен

Во врска со соопштението на ОК на ВМРО-НП Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Сосема очекувано е, политичка партија која беше приврзок на некогашни локални гарнитури и која ги аминуваше сите одлуки кои беа штетни за Охрид и охриѓани, да го критикува секој добар проект или реализирана активност од градоначалникот Никола Бакрачески и актуелната Локална власт.

Со нејасни и недоречени соопштенија непоткрепени со факти, овој мал политички субјект настојува да опстане на политичката сцена критикувајќи го секој добар проект на актуелната Локална власт предводена од градоначалникот Никола Бакрачески , вклучувајќи ги и бројните проекти од областа на спортот кои за волја на вистината се поздравени од охриѓани, спортистите и спортските работници.

Сите финансиски показатели покажуваат дека во времето кога ВМРО-НП партиципираше на Локална власт, за никој и ништо не било субвенционирано. Обележје на времето од ВМРО-НП беше, не спроведување на ниту една процедура за субвенционирање на спортски екипи или клубови а карактеристични беа само огромните долгови кои тие ги оставија и кои сегашното Локално раководство заедно со охриѓани ќе мора да ги враќа во годините кои што престојат.

На задоволство на спортистите и спортските работници како никогаш досега општина Охрид макотрпно работи и го стимулира развојот на спортот, масовниот и училишен. Се остварија ветувањата, Охрид доби супер лигаш во ракомет, а фудбалерите веќе тренираат на најмодерниот стадион на вештачка трева во Македонија лоциран во рамки на СРЦ “Билјанини извори“. Во изминатиот период, општината ги санира наследените штети во повеќе спортски клубови. На спортските екипи им обезбеди превоз и бесплатни тренинзи во спортската сала а им помогна и на олимпијката Нина Балабан и светскиот вице -шампион Гоце Мојсоски. Општина Охрид организира и големи спортски настани како финалето на Купот во кошарка на Македонија и финалето на Купот во ракомет на кои учествуваа нашите и европски ракометни гордости, екипите на „Вардар“ и „Металург“. Охрид беше домаќин на „Гимназијадата“ на која учествуваа околу 500 ученици. Охрид веќе има 18 спортски игралишта а се работи на изградба на останатите од вкупно 30 игралишта за маалски баскет. Ново игралиште се изгради во населба „Лескајца“, а во тек е реконструкцијата и изградбата на фудбалско игралиште во Лескоец. И во иднина општина Охрид ќе гради и ќе создава подобри услови за спортување . Општината битно допринесе во успешната организација на големиот пливачки маратон.

Горди сме што општина Охрид со 2. 675. 400 денари, ќе го субвенционира користењето на спортските терени при СРЦ “Билјанини извори“ на десет Спортски Клубови од Охрид.

Најважно од се и особено горди не прави фактот што сите обврски вклучително и таа за субвенционирање на спортските клубови во износ од 2.675.400 денари, градоначалникот Бакрачески ги плаќа со реални средства кон ЈП „Билјанини извори“ согласно законските процедури. Ваквиот легален и реален начин на работа никогаш не бил и нема да биде карактеристичен за ВМРО-НП.

Посакувајќи малкумината од овој политички субјект да се воздржат од вакви испади во иднина, општина Охрид јавно ги запрашува што добро тие направиле за спортот и спортското заживување во Охрид?“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.