Промовиран реконструираниот мозаик во Старата епископска базилика вo Стоби

Реконструираниот и вратен мозаик во Старата епископска базилика на археолошкиот локалитет Стоби денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска. Мозаикот се наоѓа на површина од 150 метри квадратни, генерално со геометриски флорална декорација која е типична за тоа време, за 4 век. Неговата конзервација почнала 1991 година од страна на Националниот конзервациски центар, а археолозите од НУ „Стоби“ почнале со доработка во 2012 година и сега е поставен во целиот свој сјај и раскош.

Министерката за култура појасни дека мозаикот е вратен на челична подлога, што е прво вакво решение за изолација од влага и надворешни влијанија во Македонија, но и пошироко.

„Под челичната подлога се гледаат и остатоците од археологијата во овој дел, кој е единствен крупен мозаичен зафат што долго време се работеше и по 20 години е вратен на старото место каде што постоел во епископскатабазилика, една од најстарите ранохристијански базилики кои датираат од доцниот 4 век и ќе биде достапен за јавноста“, истакна Канческа – Милевска.

Со неговото враќање, смета дека ќе се зголеми и посетеноста на локалитетот Стоби, каде во 2014 се регистрирани над 14.000 посетители.

„Од исклучително значење за овој простор се и фреските кои се целосно конзервирани и очекуваме за брзо време да бидат вратени на старото место. Се планира за овој простор да се направи проект за покривна конструкција. Со директорката и стручните лица разговаравме за изработка на проектно решење и почнување изработка на проект со цел да се направи нова покривна конструкција и потоа да се вратат конзервираните фрески на местото каде што постоеле. Мислам дека овој простор навистина ќе има една специфична, автентична убавина со фреските и ќе даде можност за што поголем број посетители“, изјави Канческа – Милевска по посетата на локалитетот.

Согласно годишната програма на Министерството, информира дека е предвидено во нартексот на епископскатабазилика да биде конзервиран мозаикот и да биде вратен со што целиот комплекс ќе биде завршен.

Во делот на конзервацијата на Античкиот театар, министеркатаКанческа-Милевска истакна дека целосно е завршена конзервацијата на источниот дел од гледалиштето, следува фаза за објавување тендер за избор на фирма која ќе ги постави мермерните плочи.

„Извршено е истражување на централниот коридор. Се планира да се почне со истражување и на горниот дел од гледалиштето, а ќе направиме и некоја динамика околу конзервација на другиот дел од гледалиштето каде има мермерни плочи кои поради долгото траење ќе треба да се извадат, да се конзервираат и повторно да се вратат. Имаме одредена динамика која ќе ја следиме во наредниот период со цел театарот да се стави во целосна функција“, нагласи ресорната министерка.

Во Годишната програма на Националната установа „Стоби“ влезено е и уредување на музејската поставка, која ќе го уредува објектот „Стара железничка станица“, што се наоѓа од другата страна на локалитетот.

„Објектот ќе има неколку мултифункционални примени. Ќе има музејска поставка, повеќефункционална сала за семинари и слично. Лапидариумот во надворешниот дел ќе биде уреден што е предвидено да заврши оваа година. Вобуџетот има обезбедено средства. Институцијата треба веднаш да почне со распишување тендери за изработка на проекти со цел „Старата железничка станица“ да се претвори во една прекрасна музејска поставка. Предвидена е изградба и на кафетерија за посетителите што ќе даде поголема можност да имаат простор да седнат и да одморат од прошетката“, додаде Канческа – Милевска.