ЛДП е сериозно загрижена за градежните планови кои се однесуваат на најчувствителните локации во Охрид

ОО на ЛДП Охрид, денес испрати соопштение, во кое стои:

„ЛДП е сериозно загрижена за градежните планови кои се однесуваат на најчувствителните локации во Охид. Имено, последниве недели јавноста е запрепастена од планираната урбанизација, почнувајќи од ридот кај Плаошник, за која зборувавме уште во 2011 година како партија, преку планирање на патеката и бетонирањето на Студенчишко Блато, завршувајќи со изникнатата градба кај една од најзначајните локации, како од верски така и од археолошки апсект, во месноста викана Заум.

ЛДП нема намера да остане нема на ваквите планирани дејствувања во Охрид, уште повеќе нема да дозволи централната власт кога станува збор за државно земјиште, како и локалната власт кога станува збор за земјиште кое му припаѓа на градот да се однесуваат како да е наследство од нивните родители.

ЛДП преку својот институционален претставник во советот на општина Охрид, Дејан Блажески, на следната седница на советот ќе предложи точка на дневен ред во која треба да се разлгедаат овие горки теми, истовремено, упатувајќи и покана за присуство до министерот од Прилеп Миле Јанакиевски кој треба да одлучува за Охрид.

Истовремено, ги повикуваме и граѓаните за поддршка преку формите кои допонително ќе ги договориме, доколку не се покаже слух и се дозволи, наводно бизнис поедници да профитираат на сегашноста од граѓаните и на иднината од поколенијата.

ЛДП ја прашува локалната самоуправа дали МПЦ обезбедила план за градба и дали на Охрид веќе сериозно му се заканува Стденчишта 2015 ако Скопје го имаше Скопје 2014?

ЛДП ги прашува одговорните од Заводот и Музеј – Охрид, дали онака изградениот објект во Заум значи заштита на културното наследство и автентичност и дали пред изработка на проектот за ревалоризација на тој простор треба да никнуваат градби ?

Од друга страна, потенцираме дека доколку не беше една случајна фотографија на социјалните мрежи не ќе да знаевме што се случува во Заум. Оттаму се провлекува и прашањето за колку вакви „легални“ градби допрва и што е најважно многу доцна ќе дознаваме?“- се вели во соопштението.