Општина: Локална самоуправа како и во други случаи работи совесно , одговорно и во интерес на граѓаните на Охрид

Во врска со соопштението на ОО на ЛДП Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Удирајќи во мета без цел, ЛДП –Охрид денеска јавно призна дека во 2011-та година немо ги набљудувала штетните урбанистички планови за Охрид кои ги носеа нивните сегашни коалициони партнери.

Во стилот на “Сакам кажам, не знам речам“, ЛДП- Охрид, без анализа и факти обвинува за носење на некакви урбанистички планови притоа споменувајќи го просторот кај Плаошник, Студенчишкото блато и месноста викана Заум.

Изразувајќи жалење за недоволното познавање на надлежностите и улогата на органите на централната и локалната власт , по кој знае кој пат општина Охрид јавно објаснува дека целата постапка за отуѓување на земјиштето кај Плаошник е во согласност со законските прописи и истата ја водат надлежните Владини министерства.

ЛДП – Охрид, недоволно упатена за чекорите кои општина Охрид ги презема за Студенчишкото блато, во нивни стил шири лаги и шпекулации и предвреме неосновано осудува. Согласно законските прописи изминатиов период во општина Охрид се одржа јавна расправа по Нацрт – стратегијата за влијанието на животната средина , а ќе следуваат и други планирани активности поврзани со иднината на овој простор.

Општина Охрид како и досега ќе постапи согласно сите законски регулативи и прописи па и во случајот со објектот кој се гради во месноста викана Заум.

Во ЛДП –Охрид треба да знаат дека актуелната Локална самоуправа како и во други случаи работи совесно , одговорно и во интерес на граѓаните на Охрид.“- стои во реакцијата.