Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска пристуствуваше на првото доделување награди за најдобар ученик во струката – Лидер.
„Можам да кажам дека сум задоволен од интересот на учениците и наставниците за учество на натпревар, кој ќе биде традиционален, односно ќе се одржува секоја година во училиштата во Република Македонија. Преку трите фази, во кои се одвиваше целото натпреварување, добивме победници во девет струки, а за наградите се бореа вкупно 164 ученика од 28 училишта во земјава“,истакна Адеми.
Натпреварот кој беше организиран од страна на Министерството за образование и наука и Центарот за средно стручно образование, имаше една единствена цел, а тоа да се поврзат теоријата и практичната работа, за учениците да можат своето знаење да го преточат во изуми, кои подоцна ќе ги користат во наставата.
Министерот Адеми, во своето обраќање напомена дека најдобрите во својата струка, ќе препознати од страна на работодавачите од соодветната област, кои ќе им понудат вработување или пак стипендија за продолжување на нивното усовршување на некој од техничките факултети во Македонија.
„Морам да потенцирам дека македонскиот образовен систем дава можности за стручно оспсосбување на учениците. Стручните училишта нудат широк спектар на наставни програми за изучување на занаети“, рече Адеми, напоменувајќи дека на пазарот на труд, не само во Република Македонија, туку и насекаде во светот, потребен е кадар кој има одредени квалификации, практични вештини и компетенции.
Тоа е наша цел, истакна министерот Адеми, да подготвиме млади луѓе кои по завршување на средното образование, можат да одговорат на потребите на компанијата во која ќе работатат.