Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Индија за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г. Раџеш Кумар Сачдева.
На свечената церемонија, претседателот Иванов на амбасадорот Сачдева му посака успешно извршување на дипломатските должности во земјата, и изрази задоволство од односите меѓу Република Македонија и Индија, кои ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебно разбирање и почитување.
Претседателот Иванов, изрази очекување за поинтензивно развивање и за унапредување на досегашната соработка во сите сфери од заеднички интерес, со надеж за содржински побогат заемен ангажман, во наредниот период.
„Би сакал да ја истакнам нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка, како и нашиот интерес за воспоставување поинтензивна економска соработка. Сакам да знаете дека на тој план Република Македонија е целосно подготвена”, рече македонскиот претседател во поздравното обраќање.
Амбасадорот Сачдева, истакна дека односите меѓу Индија и Македонија во последните две децении, се развиваат на високо и пријателско ниво, базирано на континуираните заложби меѓу двете влади, бизнисот и народот на двете земји, додавајќи дека потврда за тоа се и посетите на високо ниво во изминативе неколку години.
„Се надевам дека во годините што следат, ќе бидеме сведоци на зголемување на трговската размена и на инвестициите меѓу Индија и Македонија. Ве уверувам дека промоцијата на трговската размена и на инвестициите меѓу двете земји, ќе биде највисок приоритет за мене”, потенцираше индискиот амбасадор Сачдева во својот говор.