СДСМ: До кога Локалната самоуправа во Охрид ќе го игнорира загрозувањето на нашето природно, културно и историско наследство?

ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Почитувани граѓани,

Советничката група на СДСМ денес написмено го достави следното советничко прашање до градоначалникот Бакрачески и локалната самоуправа :

Почитувани,

Од медиумите дознаваме дека во месноста Заум, веднаш до црквата Св. Богородица Захумска, МПЦ гради конаци.

Иако, според законските прописи, овој дел од нашето природно наследство претставува заштитен дел од Националниот парк “Галичица”, наводно се работи за денационализиран имот на Црквата.

Овој бисер од нашето природно, културно и историско наследство (црквата датира од првата половина на XIV век) на овој начин се обезличува, се узурпира и се комерцијализира.

Со оглед на местоположбата, се работи за ДУП вон населено место и во планот таква или слична градба не постои. Исто така, и од Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид се огласија дека објектот се гради без дозвола, односно без одобрение за градба.

Дали, како што беше случајот со Плаошник, и овде се работи за непринципиелен, штетен и преќутен дил на МПЦ со државата?

Зошто надлежните општински инспекциски органи, во соработка со надлежните државни институции, не реагирале благовремено да ја стопираат израдбата на непланската градба?

До кога локалната самоуправа во Охрид ќе го игнорира загрозувањето на нашето природно, културно и историско наследство?“– стои во соопштението.