Оваа година ќе биде распишана концесија за патниот правец од Гостивар до Кичево. Очекувам тоа да се случи во текот на март или најдоцна во април, со тоа ќе го затвориме целокупниот Коридор 8 од Скопје до Охрид на ниво на автопат. Ова го најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на решенија за легализација на дивоградби во општина Кисела Вода.
Тој рече дека ќе биде објавена концесија за делницата од Скопје до Блаце, која е многу значајна, бидејќи со тоа Република Македонија ќе се поврзе со Република Косово.
Најави дека во март ќе почне градбата на 50-тина локални патни правци кои, како што рече, се многу значајни за развој на локалната инфраструктура во земјава.
„Ќе започнеме со изградба на осум регионални патни правци, кои ќе бидат финансирани со средства од ЕБР и Свестка банка. Веќе е доставена целокупната документација до Светската банка и очекуваме нивна потврда“, рече Јанакиески и додаде дека ќе почне изградба на патниот правец од Градско до Прилеп, кој е многу значаен за тој регион.
Министерот Јанакиески очекува годинава да почнеме и изградбата на магистралниот гасовод од Клечовце до Штип.
„Веќе имаме и понуди за изградба на дистрибутивната мрежа во сите три региони во Република Македонија. Имаме голем број проекти, сигурно ќе продолжи изградбата на пругата кон Бугарија и очекувам во март да почне изградбата на пругата од Битола до Кременица со крак до индустриската зона Жабени“, рече Јанакиески.
Сите овие проекти, како што истакна се од програмата на Владата. – Ние нема воопшто да губиме време, туку нашиот приоритет ќе биде реализација на програмата, бидејќи граѓаните го препознаа тоа во нас и затоа ни дадоа поддршка. Граѓаните нема да дадат поддршка на манипуланти, на луѓе што се занимаваат со интриги, туку ќе го дадат гласот на оние што ја реализираат програмата, даваат решенија за легализација и им овозможуваат на граѓаните подобар живот, додаде Јанакиески.