Дванаесет нови дела од проектот за превод на 100 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните светски универзитети денеска беа промовирани во Скопје.
Со нив, досега вкупно се преведени 919 дела од областа на природно-математичките науки, филозофијата, електротехниката и машинството, компјутерските науки, менаџментот, ликовните науки…..
Поголем дел од денеска промовираните книги се од областа на компјутерските науки и информатиката, како и од електротехничките и машинските струки.
Премиерот Никола Груевски, кој заедно со заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на промоцијата, истакна дека овие две полиња се од исклучително значење за Република Македонија.
„Развојот на ИТ секторот во Македонија е поле на кое во изминатите неколку години макотрпно и посветено се работеше. Тргнувајќи од обезбедувањето на комјутери и интернет за сите ученици, општата и масовна едукација на населението за работа на компјутер и интернет, масовната имплементација на ИТ можностите во административните услуги, преку стимуалција за отворање на нови смерови, факултети и нов универзитет за информатички науки и технологии во Охрид, па се до бројните стипендии за поттикнување на многу млади да ги изичуваат информатички науки и технологии“, нагласи Груевски.
Тој напомена дека од значење за државата се и стручните кадри во делот на техничките науки кои се дефицитарни на пазарот на трудот и особено барани од домашните и странските компании.
„Од тие причини Владата на Република Македонија во континуитет презема мерки за стимулација на младите за насочување кон техничките науки. И во овој случај, литературата и кинигите од кои се учи е особено важна, посебно затоа што странските компании особено ги ценат кадрите кои имаат познавања и стручност кои се компатибилни со знаењата на развиените западни држави. Токму затоа во проектот за „Превод на 1000 стручни и научни книги и учебници се вклучени голем број дела од овие науки,“ рече Груевски.
Тој најави дека проектот се проширува со уште 200 нови книги од кои за првите 50 веќе е објавен јавниот повик за превод и печатење.
Заменик-министерот Спиро Ристовски нагласи дека веќе е започната постапката за набавка на книги од областа на пегадогијата, земјоделството и медицината.
„Македонските студенти треба и мора да бидат на исто рамниште со нивните колеги од најреномираните универзитети“, рече Ристовски, апелирајќи до студентите да ја користат оваа литература.