Во врска со вчерашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, реакција испрати ОО на СДСМ Охрид, во која стои:
„Од вчерашното соопштение на општинската ВМРО-ДПМНЕ дознавме дека биле особено горди што предизборните ветувања, кои им ги дале на граѓаните, успешно ги реализираат.
Ваквата, во најмала рака, смешна и несериозна изјава беше дадена во врска со срамната одлука за изградба на градскиот пазар, донесена од страна на советничкото мнозинство, која е штетна за општината.
Од една страна, инвестицијата се планира да биде реализирана со продавање (отуѓување) на земјиштето, а од друга страна, општината и приватниот партнер треба да вложат подеднаков капитал, за на крај да биде распределен имотот во сооднос 20% спрема 80% во корист на приватниот партнер.
На тој начин ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш се обидува да ја изманипулира јавноста.
Сите објекти од јавен интерес, што беа ветени со нивната изборна програма, беше предвидено да се градат исклучиво со сопствени средства од општината, како и со финансиска помош од Владата.
До пред две години ВМРО-ДПМНЕ беше најголем противник на јавното приватно партнерство, за време на поранешната градска власт.
И еве, нека проценат сами граѓаните на Охрид, на што тоа се горди во општинската ВМРО-ДПМНЕ?! Кои тоа предизборни ветувања ги реализирале?
Кои ветени приоритетни проекти ги оствариле?
Две години изминуваат од нивното владеење во општината, а ниту еден, повторуваме, ниту еден од ветените приоритетни проекти не е реализиран.
За да не мислат дека можат и понатаму лесно и бесрамно да ја лажат јавноста, ќе ги потсетиме да ја отворат нивната изборна програма од локалните избори на страна бр. 11, каде што се наведени приоритетните проекти.
Еве, нека им кажат на граѓаните на Охрид, кој од ветените приоритетни проекти е реализиран по две години од нивното владеење?“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ – Охрид