Владата денеска објави јавен повик за директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Ги повикува сите заинтересирани до 15 март 2015 година да пополнат електронска апликација, која може да се најде на веб страницата http://vlada.mk/konkursi/apliciraj/fzom.
„Јавниот повик е објавен денес и ќе трае до 15 март, во него меѓу другите се содржани и условите и критериумите во поглед на искуството и определени вештини што треба да ги исполнуваат кандидатите, а се резултат на законските измени направени пред една година и стапуваат на сила на 12 март оваа година“, изјави за МИА владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Повикот, како што појасни, е дел од политиките на отвореност и транспарентност на Владата и на него може да аплицираат сите кандидати кои ги исполнуваат условите и кои поседуваат квалитет и способност, знаење и идеи за извршување на оваа значајна раководна функција.
„По аплицирањето ќе следува процес на селекција и интервјуирање на кандидатите. Апелираме заинтересираните кандидати да се пријават и со своите капацитети да придонесат во реализацијата на програмата и проектите“, нагласи Ѓорѓиев.
Во огласот е наведено дека кандидатите треба силно да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способност за тимска работа и да се подготвени за целосна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата на Република Македонија.
Заинтересираните кандидати треба да се државјани на Република Македонија, да имаат стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен – високо образование од областа на менаџментот, економските науки, финансиите, бизнис администрацијата, менаџмент со јавното здравство, медицинските науки или правните науки, да имаат минимум пет години работно искуство од областа на финансиите или менаџментот или од системот и организацијата на здравствената заштита и здравственото осигурување и дополнителна специјализација или посетена обука од областа ќе се смета за предност.
Во огласот се бара и активно познавање на англискиот јазик на ниво на ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода, ИЕЛТС – најмалку 6 бода, ИЛЕЦ – најмалку Б2 ниво, ФЦЕ, БУЛАТС – најмалку 60 бода, АПТИС – најмалку ниво Б2, (обезбедувањето на сертификат за познавање на странски јазик не е задолжително во процесот на селекција), на кандидатите да не им е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да имаат одлични компјутерски вештини, одлична способност за градење меѓучовечки и професионални односи, одлични организациски и аналитички вештини, способност за објективно разгледување и развивање на нови решенија за одредени прашања, посветеност на работата и способност за работа во услови на притисок и стрес, како и справување со повеќе задачи одеднаш, како и мотивација за успех и волја за развивање на сопствените потенцијали.
Владата напоменува дека сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности.
„Ќе бидат ангажирани само најспособните и најсоодветните кандидати за позицијата за која се аплицира. Секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оценка за кандидатот“, стои во огласот.