Стартуваа отворените денови на Агенцијата за храна и ветеринарство

Со одржување на средби со граѓаните и операторите со храна од Неготино и Демир Капија, денес Агенцијата за храна и ветеринарство стартуваше со реализација на серијата отворени денови за граѓаните и за компаниите од земјоделско-прехранбениот сектор, активност која во текот на овој месец ќе се реализира во подрачните единици на Агенцијата.

Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство на Отворениот ден на АХВ во Неготино истакна дека ваквите средби со граѓаните и компаниите се одлична можност институцијата да се запознае со реалните проблеми и потреби на граѓаните и компаниите.

„Најчестите дилеми на населението од овој регион, како што посочија тие на средбата, се однесуваат на мерките за сузбивање на болеста син јазик, проблем кој беше актуелен минатата година. Дел од прашањата поставени од нивна страна се однесуваа и на помошта која треба да им ги покрие штетите од болеста,“ рече директорот Поповски.

На средбата присутните граѓани и операторите со храна имаа можност и да се запознаат со работата на Агенцијата, да дадат предлози за унапредување на нејзиното работење, да се информираат за прашања што се од нивен интерес, а се во доменот на работа на Агенцијата, како и да побараат стручна помош од претставниците од Агенцијата.

Директорот Поповски најави дека во рамки на отворените денови ќе ги посети и подрачните служби на Агенцијата за да ги види условите за работа и да се заложи за нивно евентуално подобрување, доколку е тоа потребно.

На првиот Отворен ден на Агенцијата за храна и ветеринарство промовиран Водичот за новите правила на означување на храната во ЕУ наменет за операторите со храна кои извезуваат во Европската унија чија подготовка и печатење е подржано од проектот „Јакнење на капацитетите на институциите од областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика“ во рамки на IPA програмата за 2009 година. Водичот е објавен на Македонски и Албански јазик и негова цел, како што истакна директорот Поповски е да им помогне на операторите подобро да ги разберат новините во означувањето кои во ЕУ стапија на сила на 13 декември минатата година а во Македонија ќе почнат да се применуваат од јуни годинава.

„Водичот ги дава насоките на операторите со храна за начинот на обезбедување на информации за храната на потрошувачите и тоа на транспарентен начин, во согласност со националните законски правила кои треба целосно да се усогласат со правилата кои се применуваат во Европската унија. Во моментот во Агенцијата за храна и ветеринарство се прави промена во правната рамка на означувањето на храната која е во насока на имплементација на новата ЕУ легислатива за информирање на потрошувачите за прехранбените производи, која почна да се применува во Европската унија од 13 декември 2014 година “– посочи тој.

Picture 001 2