На 30 лица кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа денеска им беа врачени решенија за вработување во државната и јавната администрација согласно Програмата за вработување Д-10. Досега врз основа на оваа програма се вработени 83 лица, а денеска завршува огласот за вработување на уште 30 лица.
„Една од категориите луѓе кои неминовно имаат потреба од поддршка од државата е онаа која изразнала без родители и без родителска грижа. Оваа категорија во минатото беше оставена на маргините на државниот интерес. Жалосно, но вистинито… овие луѓе се бореа со безброј предизвици и газеа посебно трнлив пат во потрага по среќа и достоинствен живот. Со доаѓањето на оваа Влада настана нова ера за децата и луѓето кои израснале без родителска грижа. За нас, вие сте еден од основните приоритети во нашите социјални политики“, рече премиерот Никола Груевски на доделувањето на решенијата за вработување на овие лица.
Убеден сум, потенцира премиерот, во вашите квалитети, во вашата истрајност и цврстиот дух изграден низ годините и предизвиците кои ви ги донел животот.
„Убеден сум во вашата волја и желба за напредок, за кариера, за стабилен и спокоен живот во иднина. Имам големо задоволство што предводам Влада која со сите сили се труди да ви помогне на тој пат“, рече македонскиот премиер.
Токму затоа, додаде тој, во сите изминати години преземавме бројни мерки за решавање на проблемите со кои се судирате и колку што е можно поголема поддршка за проблемите со кои во иднина ќе се судрите.
„Животот на луѓето е исполнет со бројни предизвици кои се карактеристични за секој човек и за секоја индивидуа. Без разлика кој е и што е, дали е богат или сиромашен, без разлика од каде потекнува и каде живее, без разлика дали има или нема родители… секој човек во животот се соочува со свои проблеми, со свои предизвици, со свои искушенија. Сепак, она што луѓето ги прави луѓе, е волјата, потребата и желбата да си помагаат помеѓу себе, а она што државата ја прави држава е обврската да помага на оние на кои им е најпотребна помош“, потенцира Груевски.
Потсети дека досега, покрај оваа програма, државата преземала и низа други мерки за помош на оваа категорија граѓани, како зголемување на еднократната парична помош на 3.000 евра за младинците кои ја напуштаат Установата за деца без родители, мерка која во 2013 година ја искористиле 24 поединци, а во 2014 година 30 поединци.
Воведовме, рече, финансиска поддршка од 24.000 денари месечна парична помош за сите оние кои ќе се запишат на факултет на дипломски и постдипломски студии, која во 2013 година ја искористија 104, а минатата година 137 лица.
„Радува ваквото зголемување на бројките и истото укажува дека се поголем број младинци се решаваат да се запишат на факултет, што во голема мерка ќе им помогне во нивниот натамошен живот“, посочи Груевски.
Потсети и на мерката Обука за компјутерски вештини и англиски јазик, која започна минатата година и досега се опфатени 400 лица, потоа решавањето на станбеното прашање со обезбедување 134 социјални станови.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов смета дека со оваа програма и денешниот чин се потврдува еден крупен чекор во решавањето на најголемиот предизвик- вработувањето и решавањето на животното прашање.
„Владата презема конкретни мерки и чекори за поддршка на лицата кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа. Настојуваме таа поддршка да биде постојана и сеопфатна. Вклучувањето на пазарот на трудот веруваме дека е најзначајна придобивка и можност за лична реализација“, рече Спасов.
Токму затоа, додаде тој, програмата Д-10 која, како што рече, се спроведува максимално транспарентно и се реализира според дадените критериуми и услови е само едно продолжение на дефинираната помош за овозможување на нормален живот и постојана работа и исти услови за напредок.