Лидерот на СДСМ Зоран Заев се обидува да пушти што е можно повеќе кривични пријави за да испрати порака до јавноста дека и тие имаат пријави и да стави некаков знак равенство дека сите имаме кривични пријави и оти тоа е нормална работа, истакна премиерот Никола Груевски коментирајќи ги поднесените кривични пријави од Заев за поголем број функционери.
По промоцијата на нови дела од едицијата „Македонски искушенија“, Груевски подвлече дека институциите ќе ги погледнат фактите и аргументите и ќе оценат што треба. Според него, битна е содржината и квалитетот на пријавите, а не бројката.
„Во правото не се гледа бројот, квантитативно кој колку поднел кривични пријави, туку се гледа тежината на тие кривични пријави. Се гледаат фактите, аргументите, законите… Проценуваат стручни луѓе кои ги гледаат сите факти. Теоријата дека што повеќе кривични пријави ќе си пуштиме еден на друг, па во јавноста, во лицата на луѓето ќе изгледаме исто, нема да помине кај граѓаните“, рече Груевски.
Според него, Заев прави ревитализирање на неговите изјави од типот дека не е важно кој снимал, дали снимал Заев или некој друг.
„Како што тргнал нема да ме изненади и наскоро да каже дека се шалел, дека јас и Сашо Мијалков сме снимале, како што тврдел тој. Секојдневно ги менува изјавите, секојдневно ревитализира работи што претходно ги кажал, едноставно нема стабилност во она со кое што настапува. Постојано менува и граѓаните тоа го гледаат. Мислам дека ќе наиде на осуда и нема да наиде на прифаќање она што го прави господинот Заев“, подвлече Груевски.