Триесет и седмото од вкупно 51. досега изградени повеќенаменски игралишта од проектот „Изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава“, што го спроведува Владата на Република Маледонија преку Агенцијата за млади и спорт, денеска официјално беше пуштено во употреба во кичевското ОУ „Кузман Јосифовски Питу“.
Игралиштето е изградено според сите меѓународни стандарди со димензии од 45 х 28 метри и може да се користи за играње мал фудбал, серва, кошарка, ракомет, одбојка и за други игри. На него се изградени сите инфраструкторни приклучоци, има осветлување, оградено е со жичана мрежа и има пристапна патека изработена од бекатон плочки.
„Драго ми е што сум повторно во Кичево и што имаме можност свечено да го пуштиме во употреба повеќенаменското спортско игралиште во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ кое има богата историја. Особено ми е драго што имаме можност преку нашата работа да овозможиме креирање подобри услови во кои нашите деца ќе учат, ќе спортуваат, и ќе се градат како личности“, порача премиерот Никола Груевски кој свечено го пушти во употреба игралиштето.
Тој нагласи дека основното училиште долги години чекаше да дојде на ред на минатите влади и потенцира дека новата зграда на училиштето била почната во 2000 година, но изградбата била прекината од претходната влада.
„Ние повторно го актуализиравме проектот, издвоивме околу 35 милиони денари и училиштето беше целосно направено, а во годините што следуваа стана дел и од капиталниот проект на Владата за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“, рече Груевски.
Тој најави дека наскоро училиштето ќе добие тениско игралиште и спортска сала во која ќе може да се вежба ракомет, кошарка, гимнастика и други спортови.
„Во спортот и образовниот систем во општина Кичево, Владата инвестираше и во минатото. Спроведени се повеќе од 11 крупни проекти со кои практично се подобрени условите во кои децата учат“, истакна премиерот Груевски.
Прецизира дека целосно се изградени или довршени пет училишни згради во основните и подрачните училишта во Кичево. Нивната вкупна инвестиција, како што рече, изнесува повеќе од 100 милиони денари.
Во делот на спортот, додаде, реконструирано е големото фудбалско игралиште „Јордан Пиперката“, изградена е спортската сала „Христо Узунов“, а во фаза на градба е и тениско игралиште во Зајас.
„Нашите планови за Кичево и кичевскиот регион и воопшто за Македонија се големи. Во тек се многу капитални инфраструктурни проекти кои значително ќе го подобрат животот во земјава“, рече премиерот Груевски и ги спомена изградбата на автопатот Кичево – Охрид, индустриската зона во Кичево во која објект гради американската компанија КСС во која планира да вработи 1.000 лица и изградбата на болницата во Кичево. Најави и дека има заинтересирана фирма за давање под концесија на автопатот Гостивар – Кичево и дека очекува во април да се објави огласот.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Маријан Спасески посочи дека денеска во Кичево се отвора ново поглавје во делот на подобрување на условите за спортување за секој граѓанин.
„Секој успех во спортот не мотивира и натаму да инвестираме во него, но успехот во спортот недвосмислено е поврзан со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура. Токму во таа насока се и капиталните проекти кои Владата преку АМС ги реализира низ целата држава“, потенцира Спасески.
Континуираната изградба, нагласи, на 35-те спортски сали, 50-те фудбалски игралишта, 100-те повеќенаменски спортски игралишта и 120-те тениски терени во секоја општина ја потенцираат определбата на Владата за развој на спортот и здравиот начин на живеење. Додаде дека практично нема да постои населено место во Македонија кое нема да биде опфатено со капиталните проекти за развој на спортската инфраструктура.
„Сите инвестиции во спортската инфраструктура се со единствена цел, а тоа е да се поттикнат развојот на спортот и здравите навики кај младите“, истакна Спасески.
Премиерот Никола Груевски денеска во Кичево го посети Техничко-технолошкиот факултет каде е набавена повеќенаменска лабораторија, односно лабораторија за органска и неорганска хемија и биохемија, микробиолошка лабораторија и лабораторија за анализа на храна.