Заштита на црквата „Св. Ѓорѓија“ во преспанското село Курбиново

Заштитата на црквата „Св. Ѓорѓија“ во преспанското село Курбиново, прогласена за споменик на културата уште од 1952 година како едно од врвните остварувања на источнохристијанската култура, е еден од приоритетите на Министерството за култура. Во согласност со проектот, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола во изминатиот период извршија геотехнички и физичко-механички истражувања за конструктивна консолидација на црквата „Св. Ѓорѓија“. Паралелно со истражувачките работи на конструктивниот систем, се реализираа и истражувачки работи на ѕидното сликарство со цел да се утврдат техниката на сликање, видовите и распространетоста на оштетувањата, како и нивните причинители. Направени се и дополнителни физичко-хемиски анализи на живописот од горните зони во црквата. Во изминатиот период беше изготвен и проект за конзервација на фрескоживописот, како и проект за изработка на привремен заштитен покрив врз градбата. По изведбата на заштитниот покрив, екипите ќе продолжат со истражувачките работи на архитектурата и на покривните елементи, а акцент ќе биде ставен врз утврдувањето на првичните висински коти на овој храм. Со тоа ќе завршат археолошките истражувања и ќе се заокружат истражувачките работи на архитектурата и на покривот. По заокружувањето на истражувачките работи и изготвувањето на проектната документација, ќе се пристапи кон непосредни конзерваторско-реставраторски работи на фрескоживописот за што ќе бидат применети современи техники и методи. Со претстојните конзерваторско-реставраторски активности, црквата „Св.Ѓорѓија“ во Курбиново ќе биде целосно заштитена и во внатрешниот и во надворешниот дел.