СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.Р.(48) од с.Вевчани, струшко за сторено кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“. Пријавениот, во својство на управител и сопственик на градежна фирма договорил и градел објект на бул. „Туристичка“ во Охрид сопственост на друго лице, при што во 2014 година издал прва и втора времена ситуација во кои внел невистинити податоци за вграден градежен материјал и изведени работи на објектот. Откако оштетениот поднел рекламација и писмени предупредувања по однос на спорните количини, П.Р. издал две фактури со невистинита содржина за вграден градежен материјал со намален износ. Потоа фалсификуваните фактури пријавениот ги употребил во правниот сообраќај и тоа прво кај нотар кој донел решение за дозвола за извршување, а потоа ги употребил и кај извршител и врз основа на тоа добил налози за извршување и ставање под хипотека на објектот на оштетениот и спроведување на извршни дејствија за проценка и продажба на конкретниот објект. По ова, оштетениот ангажирал вешто лице кој изготвил два наоди со реална цена за вградениот градежен материјал.