Денес во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија за прв пат организираа родова обука за 127 припадници на Командата за обука и доктрини и потчинетите единици, во која беа вклучени и војници на доброволно служење на воениот рок.
Фокусот на родовата обука за учесниците беа Меѓународните правни рамки за имплементација на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, 1325 која се однесува на жените, мирот и безбедноста. Воедно учесниците имаа можност да се запознаат и со Националниот акционен план на Република Македонија за имплементација на Резолуцијата 1325, практичната примена на родовата перспектива во процесот на планирање на операциите, родовата перспектива во воените операции и важноста на лидерството за интеграција и имплементација на родовата перспектива на сите нивоа во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Родовата обука беше изведена од страна на родовите инструктори од Министерството за одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија сертифицирани од страна на Нордискиот центар за родот во воените операции со подршка на UNDP SEESAC.
Со организацијата на оваа обука, Министерството за одбрана продолжува да биде предводник на активностите за вклучување на родовата рамноправност и перспектива во рамките на Министерството и Армијата на Република Македонија.