Заев: Оставка од Груевски и преодна влада за излез од кризата

Говор на претседателот на СДСМ, Зоран Заев на трибината Вистината за Македонија – Изборен грабеж, 10.03.2015

„Почитувани граѓани, драги пријатели, другари,

Можеше ли некој да замисли дека ќе дојде време кога во нашата Македонија ќе бидеме сведоци на една проклето дрска, беспоштедно сурова реалност?!

Во којашто `се е пазар?! Па и деца?! Па и човечки судбини?!

Дека оваа ненаситна, лицемерна и лажна власт, којашто краде народни пари, го крадела и она што не може да се купи со пари – иднината?

Како што никој од нас граѓаните не помислуваше дека може без волјата на народот да биде ставен во перверзно – болна сегашност, така овие луѓе – нелуѓе, Никола Груевски, Сашо Мијалков и неколкумина нивни соработници, изгледа не помислувале дека Шилото што си го повика Никола Груевски, ќе тргне да си го бара патот.

9 години се мачеше, вртеше, Шилото – и еве го денес пред него.

Сега што правиме Никола Груевски со твоето Шило?!

Си им го ставил во рацете на луѓето, ним да им се потат дланките, ама не си го предвидел човечкиот фактор – совеста.

Ете таа совест, пријатели, го соголи овој човек – волк, скриен во јагнешка кожа.

Го откри совеста на совесните, кои своите животи ги ставија на коцка, за да ја спасат Македонија од коцкарска нарав на неговата фамилија.

Патриотите во Република Македонија ги обезбедија документите и доказите.

Тоа се патриоти луѓе почитувани граѓани!

Сакам да оддадеме почит на овие храбри луѓе, на кои им ја должиме Вистината за Македонија!

Денеска ќе ви откријам и една нова вистина.

Се сеќавате кога го повикав Груевски јавно да каже дали има посебни истражни мерки против лидерот на опозицијата за време на избори? Се сеќавате сите. Вчера тоа наврши една година почитувани мои пријатели. Поминале во напредна фаза и последната година jас сум под посебни истражни мерки. До ден денеска Груевски не даде одговор.

Намерата беше да го прават тоа истото што со брат Љубе го направија. Да местат бизнисмен како дава пари за кампања. Една година мака мачат луѓето. Како да ги наместат парите, една година цела. Вчера се наврши една година. Уште минатата седмица, на крајот на инсистирање на Груевски и Мијалков лично беше замолен тој бизнисмен да ги интензивира работите, оти само тоа е спасот. Парите некако да ги даде. Вчера со секретарот на општина Струмица, со шефот на кабинет на градоначалникот на општина Струмица, го направивме Записникот го пријавивме и архивиравме предметот.

Денеска му се јавив сабајле околу 9 ипол часот на бизнисменот и му реков: како не ти е срам, дедо си, внуче имаш! Една година се местиш, цело време се обидуваш како нешто да наместиш, срам да ти е! Е овој не е заштитен сведок за да не го објавам, што ќе оди во судска постапка, како кај Љубе Бошкоски. Овој човек се вика Иво Саџевалиев од Струмица од фирмата Иво.

А луѓето кои покажаа дека продолжува да се рони системот на дрско и безобразно владеење на Никола Груевски, кои на крајот на минатата недела ја дадоа информацијата, се викаат македонски патриоти.

Ве молам да ги поздравиме и да ги охрабриме! Да продолжат и понатаму да си ја сакаат татковината!

На крајот на денот една е Македонија. Таа боли најсилно таа гори плени внатре.

Испраќам уште еднаш порака до секој кој си ја сака државата, а досега бил под притисок и уцени, да се одважи, затоа што со документите и доказите кои овие луѓе ги сочуваа и ги спасија од уништување и денеска се во наши раце, пропадна Пучот на Груевски како што денеска и вчера пропадна последната местенка којашто сакаа да ја направат, само да ја спасат својата глава.

Голема амбиција имале овие двајца братучеди. Мислеле подло ќе владеат, вечно, со сегашноста, со минатото и со иднината.

А каков парадокс, на “големите“ Македонци Груевски и Мијалков – кои “не биле македончиња“, за тоа им требале “човечиња“ во 100 чекори, за да се одржат на своите лажни стиропорни, гипсани, испрскани со златен спреј, тронови. Оттаму си играле “Големиот брат“.

Но, речено е: Што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите.

Никој не избегал од Страшниот суд и тој ден ќе дојде.

Прво ќе суди народот. Ќе суди затоа што му е украден гласот, даден од Бога, и украдена му е иднината, на којашто има право од моментот кога се родил.

Потоа од првиот, до последниот доказ и аргумент ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител, македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, знаете, оние кои расчистија со криминалите во Италија. Бидејки овие документи и докази што ги презентираме на јавноста, се сопственост на Република Македонија и на нејзините граѓани.

Е тогаш, Бујрум – институциите на системот нека одговорат на прашањата за правната разрешница на целиот овој случај и процес.

Почитувани граѓани,

Од првата до последната напишана буква во објавената документација, и од првиот до последниот изговорен збор во објавените разговори, `СЕ Е ВИСТИНИТО!

Груевски и Мијалков го урнисале уставното уредување на Република Македонија.

Груевски и Мијалков врз разурнатите темели создале пара – држава, во којашто ВМРО-ДПМНЕ е `се: и полиција, и обвинителство, и судство, и судбина!

Нема да должам.

Одовде назад нема!

Оваа Влада повеќе нема легитимитет!

Оваа Влада повеќе не е Влада на Република Македонија!

Од оваа говорница вечерва, од името на Социјалдемократскиот сојуз и на коалициските партнери барам:

Владата на Никола Груевски веднаш да поднесе оставка!

Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, веднаш да поднесе оставка!
Раководниот тим на Македонската радиотелевизија веднаш да си поднесе оставка!

Бараме, да се формира формат на преодна Влада, којашто ќе има мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори.

Ова е решението за оваа најдлабока политичка криза од независна Македонија, во којашто власта на Груевски ја турна државата.

Обврска на преодната Влада ќе биде да обезбеди целосно раздвојување на владеачките партии од институциите што сега ги имаат окупирано и нивно департизирање по сите линии, како основен предуслов за демократски избори.

Во составот на преодната Влада нема да може да учествуваат лица за кои има сомнежи или докази дека на каков било начин учествувале во незаконски и криминални активности.

Паралелно со целиот овој процес, ќе мора веднаш да започне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за скандалот со прислушувањето, со вклученост на меѓународната заедница.

Политичките последици од овој процес, почитувани граѓани и почитувани присутни, ќе овозможат почеток на уставното заздравување. Слободата и демократијата се трајни стремежи и витални вредности, во чиишто темели се вградени 24.000 животи на граѓани на Македонија од макотрпната народно-ослободителна епопеја и денеска сме пред новиот историски предизвик, да ги вратиме каде што им е местото! Повторно, во нашата Република Македонија!

И најважно од `се, Република Македонија на овој начин ќе продолжи да се движи напред, кон својата историска дестинација, европската заедница на еднакви и слободни граѓани.

Еднаш и засекогаш ќе бидат напуштени нереалните илузии на некакви или за некакви “големи “ Македонци. Ќе градиме држава на еднакви граѓани. Ќе ја градиме европска Македонија.

Почитувани граѓани,

СДСМ и коалициските партнери се цврсто решени да ги вратат слободата и демократијата во Република Македонија.

Времето на овој режим истече!

Сакам да порачам, на Никола Груевски кој гледам дека сеуште сака да живее во надеж дека `се од него зависи, како и на неговите неколкумина соработници:

Да не помислат да прават раздор меѓу луѓето,
Да не помислат да прават немири,

Да не помислат да се закануваат и да уценуваат,

Да не помислат на црните сценарија што им се вртат во главите, да ја дестабилизираат државата!

Дестабилизација на Република Македонија нема да дозволиме!

Готово е Груевски!

Најавувам дека ова не е финална трибина. Ќе следуваат и други. Продолжуваме со нашата цврста и непоколеблива одлучност, да ја откриеме до крај Вистината за Македонија.

За што?

За слободата пријатели! За слободата на говор, слободата на сопствена мисла, слободата на движење, слободата на работа, слободата на лекување, слободата на школување. За слободата на свој сопствен живот.

Ете тоа е мојата светла ѕвезда водилка и зошто тргнав низ овој темен, трнлив пат.
Понекогаш ќе слушнам, што ти требаше ова? Имаш семејство, градоначалник си, стана претседател на најголемата опозициска партија, можеше да си седиш по страна и да не вовлекуваш во неволји…

Можев ли? Да знам што се случува, да гледам и да молчам?! Можно ли е?!

Не, не можев. Не можам. Не сакам да бидам соучесник во овие злодела што секој ден одземаат по нечија насмевка.

Дали сам човек може да биде среќен? Јас сум среќен што не сум сам. Погледнете колкумина сме!

И како што проблемите се заеднички и решението е заедничко.

Можеби оваа мака требаше да се случи, за да почнеме одново.

Секој победник носи лузни.

Заеднички ќе му ставиме крај на злото. Ова зло, никогаш повеќе да не се повтори!

Ветивме докази, исполнивме.

Ветивме цврстина, ја видовте.

Вечерва ветувам дека можеме и мораме од почеток.

Можеме да ја вратиме вербата во возможното и мораме да ја спасиме Македонија.

Ве замолувам, сите, да бидеме на нивото на својата морална и човечка одговорност и во овие чувствителни моменти за нашата земја да покажеме одважност и грижа низ процесите што следуваат.

Да живее слободата!

Да живее демократијата!

Да живее Република Македонија!

Продолжуваме…

Извор: www.sdsm.org.mk