Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, од 11 до 13 март, беше во посета на Естонија, каде учествуваше на бизнис форум во организација на Стопанската Комора на Естонија.
Тој одржа презентација пред информатички компании од Естонија, на која ги претстави потенцијалните можности за инвестирање во Република Македонија, ставајќи акцент на ИТ секторот. Меѓу темите кои привлекоа најголем интерес беше воспоставениот електронски систем за јавни набавки на Република Македонија.
Министерот Ивановски посети и десетина најголеми естонски компании, кои работат во областа на информатичко-комуникациската технологија. Активностите се во рамките на владините роуд шоу активности за привлекување на странски инвестиции.