Претседателот Иванов се сретна со премиерот на Кралството Мароко

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Дакла, на маргините на форумот Кран Монтана, имаше средба со премиерот на Кралството Мароко, Абделилах Бенкиран.

Претседателот Иванов и премиерот Бенкиран, билатералните односи ги оценија со позитивна нагорна динамика и со зачестени контакти на високо ниво. Беше посочено дека по официјалната посета на македонскиот премиер во 2010 година и потпишувањето на базичните документи за економска соработка, создадени се услови за динамизирање на економските односи меѓу двете земји. Како клучен предуслов за поинтензивна економска соработка беше укажано на неопходноста од директни контакти меѓу бизнис асоцијациите и бизнисмените на двете земји.

Македонскиот претседател истакна дека токму поради тоа ја искористи оваа посета на Мароко и затоа во македонската делегација се присутни бизнисмени од десет компании и трите стопански комори на Македонија.

На средбата беше договорено да продолжи политичкиот дијалог на највисоко ниво. Премиерот на Мароко ја прифати поканата за посета на Република Македонија. Го поздрави учеството на претседателот Иванов на Форумот и особено бизнис делегацијата која го придружува, а која ќе оствари средби со бизнисмени од мароканските стопански асоцјации.

Премиерот Бенкиран истакна дека Мароко е подготвено и отворено за размена на инвестиции и за зголемување на трговската размена и особено за искуствата на Република Македонија во сферата на привлекување странски инвестиции, реформите во земјоделството и употребата на информатичките технологии.

Претседателот Иванов упати честитки за напорите на Кралот и Владата на Мароко што ги прават за отворена и либерална економија, демократските реформи, децентрализацијата и посветеноста на човековите права.

На средбата беше договорено во наредниот период да се пристапи кон отворање почесни конзулати на Република Македонија во Мароко и на Мароко во Република Македонија за збогатување на соработката. Беше искажано заемно задоволство од соработката на мултилатеран план и договорено таа да се интензивира во периодот што следи.