Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „убиство во обид“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против А.Н. (44) од струшкото село Велешта. Него одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
На 22 минатиот месец, пријавениот физички го нападнал неговиот брат Б.Н., а потоа кон него испукал еден куршум од огнено оружје-пиштол кое нелегално го поседувал. Настанот се случил околу 23 часот во центарот на селото Велешта каде се сретнале двајцата браќа. Притоа настанала жестока вербална расправија а потоа и физички напад од сега притворениот кон неговиот брат.
Во еден момент, сега притворениот А.Н. го извадил пиштолот и со рачката го удрил својот брат во пределот на главата, а потоа кон него испукал еден куршум нанесувајќи му влезно-излезна рана во пределот на слабината. Веднаш потоа А.Н. влегол во своето патничко моторно возили марка „Мерцедес“ и избегал од местото. Повредениот Б.Н. е пренесен во општата болница во Струга каде е извршена медицинска интервенција и му е дадена неопходната медицинска нега.
Полициската станица од Струга на 10-ти овој месец го пронајде и приведе А.Н. по што по решение од Основниот суд во Струга одредена му е мерката притвор.