Реални перспективи за продлабочување и интензивирање на полициската соработка

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, м-р Митко Чавков, во МВР се сретна со делегација на српското МВР предводена од директорот на српската полиција, Милорад Велјовиќ. Во разговороти двајцата директори констатираа дека иако досегашната соработка меѓу двете институции може да се оцени како исклучително добра и отворена во духот на традиционалното пријателство меѓу двете земји, постојат реални перспективни за нејзино натамошно унапредување и продлабочување.

Притоа, биле детектирани повеќе области од полициското работење во рамки на коишто постојат обострани интереси за поинтензивна соработка. Почнувајќи од унапредувањето на соработката на полето на борбата против илегалната миграција, потоа зајакнување на заедничките контроли, односно зајакнување и на размената на информации за организирани криминални групи кои се занимаваат со илегален транспорт или криумчарење мигранти, како и зајакнување на капацитетите на заедничкиот Контакт центар во насока на негово користење и на други служби во рамки на двете министерства.

По средбата во македонското МВР директорите Чавков и Велјовиќ заедно со делегации од двете полиции го посетија заедничкиот Контакт центар „Табановце“ на истоимениот Граничен премин, каде што беа информирани за тековните активности на Контакт центарот.

Инаку во текот на минатата година во делот на државната граница кон Србија откриени беа 83 илегални мигранти, што претставува пет отсто од вкупниот број откриени илегални мигранти ланската година. А, пак во текот на првите два месеци од годинава во тој регион беа откриени 80 илегални мигранти или 17 отсто од вкупниот број откриени илегални мигранти за тие два месеци од оваа година. Лани во рамки на заедничката соработка реализирани биле 105 мешани патроли, а исто така, меѓу другите заеднички активности беа организирани четири средби на регионално ниво и 112 средби на локално ниво, а припадници на граничните служби на двете полиции учествуваа на повеќе заеднички обуки, како и во заеднички и координирани операции подржани од ДЦАФ.