Тим доктори од Соединетите американски држави обучува тимови од Македонија за неонатална реанимација. Обуките се вршат преку теоретски предавања и пренесување практични вештини кои треба да помогнат во справување со одредени проблеми кои се јавуваат кај новороденчињата во првите часови по породувањето.
„Ова е многу значајно за нас и за секоја една земја имајќи предвид дека според статистиката која што ја имаме околу 90 проценти од раѓањата поминуваат без проблем, но кај 10 проценти од раѓањата понекогаш е потребна и реанимација која што е многу значајно да биде направена брзо, навремено, точно од страна на добро истрениран персонал којшто опфаќа не само доктор, туку и сестра, анестезиолог, гинеколог, акушерка“, изјавил министерот за здравство Никола Тодоров.
Најпрво ќе се едуцираат тренери, кои потоа треба да го прошират знаењето на целата територија на Македонија.
Работилниците ќе се одржат во Скопје, Тетово и во Штип, а потоа оние коишто ќе бидат обучени од страна на американските лекари ќе имаат обврска да го пренесат знаењето на нивните колеги низ цела Македонија. Исто така од страна на тимот американски експерти ќе биде донирана опрема, стетоскопи, определена опрема за вентилација… која што ќе може да ја користат во текот на едукацијата или проширувањето на знаењата сите лекари во Македонија, а дел од опремата ќе може да се користи и за клиничка употреба.
Неонатологот Џорџ Бенет од Американското здружение на педијатри и анестезиолози, кој е дел од тимот кој ќе ги изведува обуките, истакна дека овие инструкции кои ќе ги добијат тренерите треба да бидат пренесени на останатите доктори и оти на таков начин ќе се обучат многу кадри за да ги спасуваат животите на бебињата.