Во врска со соопштението на ОО на ЛДП Охрид, реакција испрати општина Охрид, во која се вели:
„Ги сожалуваме луѓето кои своите фрустрации заради професионална не реализираност ги компензираат со тешки излети во политиката. Денешното соопштение на советникот од ЛДП Охрид, Дејан Блажески е не успешен обид за бегство од вчерашниот срам, откако пред медиумите беше сузбијан со факти неговиот став дека општина Охрид го чувала во тајност купувачот на парцелата во УЗ 1. Потенцираме дека општина Охрид, е една од најтранспарентните општини во Република Македонија, па од тука не гледаме нити причина, а ниту имаме потреба да го сокриеме името на купувачот на парцелата, особено не кога целата постапка беше јавна и транспарентна за што јавноста беше навремено информирана.
Овој млад неискусен политичар можеби во вакви ситуации треба да учи не само од позиционите туку и од опозиционите советници – негови партнери, кои со своето искуство и интелект никогаш не би паднале толку ниско како него и не би настојувале да добијат политички поени со вакви невкусни конструкции.
На овај млад политичар општина Охрид и овај пат нема да му замери ако се земе во предвид фактот дека тој и вчера настојуваше да ја изобличи вистината кога кажа дека закана за блатото била пешачката патека што ќе се гради на тој реон. Па во овој случај само ќе го запрашаме: По што се движи кога го посетува овај дел од Охрид?
Право на надлежното одделение при општина Охрид е да врши корекции на веќе објавени текстови доколку станува збор за граматички или измени од техничка природа. Со самото тоа што и сами наведувате дека последната промена на текстот е направена на 07.03.2015 година, а не вчера, во вода паѓаат вашите конспирации и теории изнесени во денешно соопштение.
Општина Охрид како сериозна институција нема да падне на ниво да коментира непроверени фотографии и содржини.“- стои во реакцијата.