Потпишана Програма за културна соработка меѓу Македонија и Албанија

Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска вчера во рамките на еднодневната работна посета на Република Албанија, оствари билатерална средба со албанската колешка Мирела Кумбаро …

На средбата, двете министерки за култура ја потпишаа Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2015–2020 година.

Канческа-Милевска и Кумбаро изразија задоволство од односите во областа на културата меѓу двете земји и се согласија дека со потпишувањето на Програмата за културна соработка се отвораат многу нови можности за размена на проекти меѓу институциите. На средбата, на која присуствуваше и државниот сектетар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи, стана збор и за развивање на конкретни заеднички проекти од областа на културното наследство и прекуграничната соработка коишто би можеле да се понудат за финансирање од ИПА-фондови во рамките на актуелната финансиска помош од Европската Унија. Исто така, на средбата беше договорено во наредниот период да биде формирана и заедничка експертска група за реставрација и конципирање на впечатлива етнолошка поставка во Музејот на албанската азбука во Битола, каде што е презентиран значаен сегмент од албанската историја. На средбата, двете министерки за култура се договорија и за поголема поддршка на културните активности на Македонците кои живеат во Република Албанија. Канческа-Милевска на својата албанска колешка и го презентираше и проектот за поддршка на странски издавачи и ја истакна важноста од преведувањето на значајни македонски дела кои би се нашле пред читателската публика во Република Албанија. Министерката за култура ја акценираше и соработката меѓу двете земји во областа на издавачката дејност и потсети дека издавачи од Македонија традиционално се претставуваат на Меѓународниот саем на книгата во Тирана.

Министерката за култура Канческа-Милевска ја запозна својата албанска колешка и со многубројните инвестиции на Владата на Република Македонија во областа на културата, меѓу кои и проектот за реконструкција на Албанскиот театар во нашата земја, чие целосно завршување се очекува до крајот на годинава. На средбата беше нагласена и добрата соработка меѓу институциите од областа на културата во две земји, особено меѓу Агенцијата за филм на Република Македонија и Националниот филмски центар во Албанија, кои имаат континуирани активности во насока на размена на искуства, знаења и практики кои придонесуваат за развој на филмската дејност. Во наредниот период се планира и продолжување на соработката меѓу двете земји за копродуцирање преку принципот на реципроцитет.

poseta_na_Albanija_4a_640