По повод одбележувањето на 106 годишнината од смртта на охридскиот преродбеник Кузман Шапкарев, денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“, градоначалникот Никола Бакрачески на пригодна свеченост ги додели сертификатите на 32 охриѓани кои изминатиов период ги посетуваа курсевите по англиски, германски јазик и информатика во ОЈУ „Кузман Шапкарев“, а кои ги финансираше Општина Охрид.
„Водени од ентузијазмот на нашите предци и предизвиците кои ги наметнува денешното време, обезбедивме бeсплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика и ја заживеавме ОЈУ Отворени граѓански универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“. Лично се чувствувам исполнето кога еве доаѓаме до фазата на доделување на сертификати токму на овој ден кога ја одбележуваме 106 годишнината од смртта на Шапкарев. Сертификатите и пред се знаењето сметам дека ќе им помогнат на учесниците да го подобрат сопствениот квалитет на живот, но и животот на заедницата воопшто. Нека остане вечно делото на Кузман Шапкарев и нека неговата дејност биде инспирација на многу идни генерации“, – рече во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.
Во знак на благодарност за заложбите кон заживување на ОЈУ „Кузман Шапкарев“, директорката на институцијата Славица Ристеска на градоначалникот Никола Бакрачески му врачи благодарница.
Свеченоста посветена на Кузман Шапкарев беше збогатена со музичките изведби на учениците од ОМУ „Методи Патче“, Габриел Наумоски и Десат Елмази, а беседа за Шапкарев одржа и поетот Смиле Наумоски – Брсјак.