Поголема грижа за дијабетичарите, цел на Националната комисија за дијабетес

Националната комисија за дијабетес, која функционира еден месец, напоредно со Регистарот за дијабетес и интегрирањето на податоците за лицата со дијабетес во Мој Термин, ќе овозможи натамошно подигнување на нивото на квалитетот на грижата за лицата со дијабетес. Комисијата ја следи имплементацијата на стручните упатства за медицина базирана на докази од областа на дијабетес, како и третманот и контролата на овие лица.

Во Македонија 35.000 луѓе примаат инсулин од кои 32.000 имаат дијабетес тип 2, а само 3.000 тип 1. Според податоците, се зголемува бројот на деца кои имаат дијабетес на возраст од една до четири години.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција истакна дека Министерството за здравство е посветенои на унапредување на грижата за лицата со дијабетес мелитус во државата за кои е обезбедена бесплатна најсовремена инсулинска терапија, како во најразвиените земји во светот.

Од 1 јануари годинава податоците за инсулинската терапија се целосно интегрирани во системот Мој Термин, така што сега и третманот за дијабетес станува составен дел на електронскиот медицински картон на пациентите, односно пациентите својата инсулинска терапија ја земаат врз основа на инсулинските рецепти генерирани од МојТермин.

Препишувањето инсулинска терапија во Мој Термин овозможува да се следи потрошувачката на инсулин, но и издавањето на лентите за мерење гликемија на пациентите со дијабетес на инсулинска терапија, како и издавањето инсулински пумпи и потрошни материјали. На овој начин се овозможува транспарентност во делот на препишувањето на инсулинска терапија, попрецизен и подетален увид во инсулинската терапија, како и увид во придржувањето кон упатството за контрола и грижа за дијабетес тип 2, што значително недостигаше во изминатиот период.

Целта е преку Мој Термин да се следат и параметрите поврзани со контролата на дијабетесот, како што се гликемиската контрола, липидниот профил, крвниот притисок, индексот на телесна маса, дијабетичните компликации, препорачаната исхрана, со што практично ќе може да се следи и колку е ефективна терапијата за дијабетесот. Со последната спроведена јавна набавка, првпат во Македонија се овозможи значително зголемување на бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија, како резултат на барањата кои повеќе години ги упатуваа и пациентите и стручните здруженија. Исто така, бројот на ленти за мерење гликемија е зголемен од четири месечно што претходно ги добиваа пациентите со дијабетес тип 2 на инсулинска терапија, на 30 ленти (значи од 1 кутија на 7 кутии годишно), додека лицата со дијабетес тип 1 добиваат голем број бесплатни ленти (125 ленти месечно).

Тоа, појасни, значи дека со новата програма им е овозможено на лицата со дијабетес на инсулинска терапија седум пати почесто бесплатно да ја мерат гликемијата, врз основа на која се одредува нивниот третман, со што се добива далеку попрецизна слика за нивото на шеќерот во крвта. На тој начин, дополнително се унапредува нивото на грижа кај лицата со дијабетес, имајќи предвид дека мерењето на гликемијата е основа за приспособување на третманот за дијабетесот и последователно превенирање на дијабетичните компликации. Со новата јавна набавка се обезбедуваат и нови 50 инсулински пумпи кај децата со дијабетес тип 1.

Националната комисија за дијабетес мелитус се формира со мандат од четири години и е составена од претседател и четири члена, избрани од доктори – специјалисти по интерна медицина и доктори – специјалисти по педијатрија, кои се доктори на медицински науки од областа на ендокринологијата и дијабетологијата. Членовите на Комисијата се од јавни здравствени установи од терциерно ниво на здравствена заштита.

Татјана Миленковиќ, претседател на Националната комисија за дијабетес мелитус и претседател на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија, рече дека Комисијата функционира веќе еден месец и се прави анализа на препишаната инсулинска терапија низ целата држава.

Единствена цел на Комисијата е да се контролира правилното спроведување на насоките за тоа како треба да се води дијабетесот, кои се веќе на ниво на закон и на овој начин затоа што ги имаме сите тие податоци достапни во системот МојТермин, можеме да видиме дали навистина се спроведуваат сите начини за третман и водење на дијабетесот. Значи не е само инсулинската терапија туку и дали се спроведуваат сите контроли на тромесечна и на годишна основа.

Македонија е земја каде дијабетолошката служба се оценува на многу високо ниво затоа што минатата година на крајот на годината Интернационалната федерација за дијабетес направила анкета преку која се забележа дека Македонија по сите параметри е земја која одлично се грижи во третманот на дијабетесот, значи има превенција или скрининг на сите трудници со дијабетес, има насоки за правилна исхрана, за прекин на пушењето, современа инсулинска терапија.