Претседателот Иванов се сретна со амбасадорите на САД, ЕУ, ОБСЕ и претставникот на НАТО во Република Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими г. Џес Бејли, амбасадор на Соединетите Американски Држави, г. Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на Европската унија, г-a Мариан Берец, Вршител на должноста Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетан Румен Радев.

На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо го цени партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со САД, ЕУ, НАТО и ОБСЕ. Македонскиот претседател изрази благодарност до соговорниците за нивната посветеност кон надминување на предизвиците поврзани со актуелната политичка состојба во земјата, како и за поддршката која Република Македонија ја добива во насока на реализација на надворешно-политичките стратешки приоритети.

Претседателот Иванов потенцира дека евроатлантската интеграција на Република Македонија, не само што претставува највисока стратешка цел за земјата, туку истата има огромна кохезивна и трансформирачка моќ во македонското општество. Дијалогот останува единствениот начин преку кој се надминуваат сите предизвици и сите општествени фактори имаат одговорност за интересите на граѓаните и на државата, посочи претседателот Иванов.