Промовирани избрани дела во десет тома од академик Блаже Ристовски

Избрани дела од академик Блаже Ристовски во десет тома беа промовирани денеска во Македонската академија на науките и уметностите, по повод 85 години од раѓањето на авторот и шест децении научно творештво, каде воедно присуствуваше министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Издавач на изборот е „Матица македоска“, а објавен е со поддршка на Министерството за култура. Во десетте тома и над осум илјади страници, познатиот научник пишува за теми од македонската историја, литература, публицистика и македонскиот фолклор, за словенската писменост и христијанизацијата, државните формации во Македонија во средновековието, за преродбата и борбата за обнова на Охридската архиепископија…

Ристовски е проучувач на македонскиот културно-национален развиток, на творештвото на македонските просветители, преродбеници, учебникари, собирачи на народни умотворби, на „стожерниците на македонската национална свест“, како што во поговорот кон изборот пишува неговиот уредник Раде Силјан. Ристовски со своите истражувања го афирмирал и Македонското научно-литературно другарство во Петербург…

„Ова е прв избор од моето научно творештво и јас сум особено задоволен. Изборот содржи се што се однесува на појавата, развитокот и афирмацијата на македонската национална мисла и акција. Тука е националната историја, литеартурата, јазикот, фолклорот, етнографијата, балканската политика, македонската држава и развитокот на македонската свест, особено во 19-тиот и 20 век, до формирањето на македонската национална држава“, изјави академик Ристовски.

Македонија е млада држава, како и нејзината наука и затоа, рече тој, не можеме да кажеме дека се сме дознале и се знаеме.

„Напротив, мислам дека и самите ние многу малку знаеме за себеси, а уште помалку знаат надвор од Македонија. Така што, тоа е и нашиот голем проблем, бидејќи навистина тоа што светот не ја знае вистината за нас имаме и многу проблеми, не само со соседите, туку воопшто. Како наука ние мора да ја афирмираме македонската вистина. Но врз реални основи, без занесувања, без некои романтичарски завеви, туку она што навистина претставува лик на Македонија и македонскиот народ во историскиот развиток,“ додаде Ристовски.

Претседателот на МАНУ Владо Камбовски рече дека десетте тома може да се читаат како дело во продолженија и дека Ристовски ја проучувал, но во исто време и ја создавал македоската национална свест и култура.

„Проникнувајќи во делото на Мисирков и Другарството, пред тоа – на македонската преродба, на текот и развојот на македонската култура и јазик, академик Ристовски фактички го втемели гледиштето за македонската нација како културна нација, која низ процесот на своето созревање помина низ фазата на јасно дефинирање на националната идеја, уште во делата на Мисирков и Другарството, за таа национална идеја да се преточи во идеја за ослободување, односно за државотворност, што резултираше со трите Илиндена. Затоа, неговото дело го сметаме за неодминлива лектира за секој што сака поблиску да навлезе и да се запознае со нашата национална културна историја, со развојот, битот на македонската нација и култура“ рече Камбовски.

Ристовски е автор на 70 одделни книги со над 36.000 страници и на повеќе од 1300 прилози во научни списанија. По повод двата јубилеја, покрај промоција на десеттомниот избор, во МАНУ беше отворена и изложба на негови трудови објавувани во изминатите 60 години.

09_manu_640