По 32 години се реконструира патот што го поврзува Охрид со село Велестово. Градежните активности за реконструкција и проширување на овој пат долг 4087.5 метри започнаа пред два дена.
Градоначалникот Никола Бакрачески кој денес беше на увид посочи дека се работи за проект којшто е изработен од Општина Охрид а е финансиран од страна на Агенцијата за патишта на Р. Македонија .
„Се работи за проект којшто е изработен од Општина Охрид а е финансиран од страна на Агенцијата за патишта на Р. Македонија со вкупна вредност од околу 164. 000 евра. Истиот ќе се одвива во две фази. Во првата фаза за која ќе бидат искористени 80. 000 евра, ќе бидат реконструирани две делници од овој пат, и тоа делницата на влезот од селото Велестово и делницата што е на почетокот на патот, од бензинската пумпа до зградата на Националниот Парк “Галичица“ каде што впрочем има и најголеми оштетувања. Се работи за пат кој ќе биде широк четири метри со две банкини од страните со широчина од 0,5 метри,“ истакна градоначалникот Бакрачески, кој потсети дека постоечкиот пат кој е изграден во далечната 1983 година од тогаш не бил воопшто реконструиран.
„Станува збор за делница која воопшто не е реконструирана цели 32 години и за која што сметавме дека е од приоритетно значење не само за луѓето што живеат во Велестово туку и за развој на руралниот туризам на кој што ние посветуваме големо значење. Со новиот пат ќе се овозможи подобар пристап кон Националниот Парк „Галичица“.По патот ќе може да се движат сите жители на село Велестово и сите гости и туристи на коишто ова место им е посебно драго и кое што претставува атрактивна понуда во туризмот на Охрид“, додаде градоначалникот Бакрачески.
Мештаните презадоволни од почетокот на реализацијата на проектот упатија благодарност до актуелната локална власт што создава услови за подобар живот и развој на селото кое се стреми кон сериозен туристички развој.
„Голема благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески и Општина Охрид што по далечната 1983 година создадоа услови и оваа тешка машинерија успеаја да ја искачат во нашево село. Благодарност и до групата млади луѓе кои што живеат во ова село и се надеваат дека со помош на Градоначалникот ќе успееме да ги оствариме нашите животни цели. Ова нека биде само почеток на нашата соработка . Со подобрената инфраструктура, очекуваме туристите пред се Холанѓаните кои беа најбројни во 70-те години од минатиот век, да дојдат повторно на ова атрактивно место“, изјави претседателот на Месната Заедница на село Велестово, Никола Кочоски.
Според најавите првата фаза од проектот ќе заврши за 15 дена а целиот проект се очекува да биде готов за една година.