Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Ова што се случувало во Македонија, ова брутално, дрско и недозволиво по ниеден основ самоволие, на Никола Груевски, неговиот братучед Сашо Мијалков и на неколкумина нивни помагачи во врвот на власта, буквално го срозило функционирањето на државниот систем и еден од неговите темели, правната држава.
Во зарѓаните запци на ланецот што треба да биде мотор на иднината на државата, се заглавени невини луѓе, судбини, “човечиња“ како што им изгледале жртвите на суровите владетели.
Со право домашната и меѓународната јавност гласно и загрижувачки почнаа да зборуваат за состојбата во земјава.
Со право Организацијата на Обединетите нации изрази вознемиреност за содржината на шокантните снимки и за уште пошокантните докази, што открија меѓу другото нарушувања на основните човекови права и на правниот поредок во Република Македонија.
Денеска ќе објавиме конкретни докази – во чии раце е правосудниот систем во Република Македонија.
Тројца луѓе местат обвинители и судии и потоа ги влечат како пиони на шаховска табла, за сопствени потреби и цели.
Тоа се Никола Груевски, неговиот братучед, Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска.
Секако, имале тие свои соработници кај коалицискиот партнер ДУИ. Каква иронија, тоа бил министерот за правда, Блерим Беџети и десната рака на Али Ахмети, вицепремиерот Муса Џафери.
Оваа тесна група на власт се пазарела, местела судии и обвинители по подобност, нарачувале судски пресуди за себе и за свои блиски, некои од нив готвеле дури и одмазднички планови за загорчувања живот на несервилните соработници.
Во првиот сет од три разговори ќе слушнете дека судски одлуки не се донесуваат, туку се нарачуваат.
1. Во првиот разговор, кога братучедот на Никола Груевски од Царина, Влатко Мијалков, бара ургенција во Апелацискиот суд во Скопје, судијката и сопруга на екс министерот за правда Михајло Маневски, Филимена Маневска го упатува кај претседателката на Апелација, Љупка Арсениевска. “Наша е“ вели Филимена, која потсетува колку предмети завршиле преку Арсениевска
2. Во вториот разговор, шефот на кабинет на Никола Груевски, Мартин Протогер бара ургенција за судска одлука за негов другар кај Гордана Јанкулоска која го теши дека требало “да падне Кривичната“, па му вели “пушти ми податоци да видам со обвинителот“
3. Во третиот разговор Јанкулоска пак бара ургенција кај Сашо Мијалков “МВР да го изгуби спорот на Врховен суд“, воден против некој, кој таа го нарекува “човече“, затоа што тој човек – “човече“, им вршел многу работа на терен, “Достоинство го отцепувал“.
Слушнете ги првите три снимки.
Во вториот сет разговори ќе слушнете како се местат обвинители и судии и кој ги мести:
4. Како Александра Зафировска, претседателката на Судскиот совет реферира кај секретарката на Груевски, бидејќи така се договориле “со премиерот на последниот состанок“ – да го извести, дека распишува оглас за судии и за претседатели на судови
5. Како Мијалков се преслушува кај Јанкулоска дали добро е информиран, за партискиот состанок што треба да го имаат, прашувајќи за кои места во судството треба да се договараат
6. Како Јанкулоска договара со Мијалков обвинители во Основното јавно обвинителство, затоа што тоа го побарал тогашниот министер за правда, Блерим Беџети
7. Класична потврда, не дека голем дел од судиите се во рацете на Груевски, Јанкулоска и Мијалков, туку како ги третираат судиите – е следниот разговор меѓу Мијалков и Јанкулоска. Тој разговор открива дека судиите се водени под бројче, во “тефтерчето“ на Јанкулоска, како што самата го нарекува, каде им става плусеви по заслуги
8. Како Јанкулоска потврдува дека селекцијата на стручните соработници што ги избира Судскиот совет е “од партија“.
Еве ги следните снимки.
Во следните 5 разговори ќе слушнете:
9. Како републички јавен обвинител, тогашниот обвинител, Љупчо Шврговски, интервенира, замислете, кај Гордана Јанкулоска – министерка, за избор на синот на претседателката на Апелација, за јавен обвинител. Тоа е таа претседателка кај која нели им поминуваат предмети. И, како Јанкулоска треба да моли за ова кај колегата од правда, Беџети
10. Во следните два разговора се случува реализацијата: Блерим Беџети бара партиска поддршка од Муса Џафери да го отстапат тоа место на ВМРО-ДПМНЕ
11. И се остварува погоре договореното меѓу Јанкулоска и Мијалков – обвинителски места за ДУИ. И Муса Џафери бара послушни партиски кадри
12. Ќе слушнете како Никола Тодоров бара од Јанкулоска да му помогне, судијка во Управниот суд, да стане, сопруга на негов близок – и добива разочарувачки одговор од Јанкулоска дека “веќе се договорени судиите за овој конкурс“, но и дека ќе ја има предвид за следниот оглас
13. А од последниот разговор на Ставрески и Јанкулоска, ќе ви се згрози од суровоста на Ставрески. За вработен во Министерството за финансии, кој, како што самиот Ставрески вели, бил добар работник и чесен, ама конкурирал без дозвола, за судија, бара помош од Јанкулоска “да му го загорчи животот“.
Еве ги тие снимки.
Последниот две снимки покажуваат дека братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков, е оставен да биде “капо ди тути капи“, главен, во судството.
14. Мијалков ја известува неговата пријателка Софија Лаличиќ дека ја сместил за судијка
15. Мијалков известува и вработена во неговиот кабинет, дека “средил работа“,
ќе ја бираат за судијка, треба да чести.
Еве слушнете.
Ова е реалната слика за контролираното судство во земјава.
Ова е жалната вистина за граѓаните на Република Македонија. За оние кои имале потреба од правда, или оние кои требало да делат правда, или оние кои се надевале дека некогаш ќе ја работат оваа професија – е сега ја знаат вистината.
Сега на сите им е јасно, зошто некои судии не можеле да делат правда – а сакале да бидат правични, зошто некои граѓани не можеле да бидат избрани за судии и обвинители – затоа што не биле во милост на поединци од власта, зошто некои граѓани не можеле да добијат правда – а биле правични.
Правосудниот систем, што треба да биде достоинствен заштитник на вистината, мала група на власт, на чело со Груевски, успеала да го претвори во срамен насилник во рацете на неправдата. Го урнисале уставниот поредок на земјава без око да им трепне.
Е ова е монструозен систем.
Во устата на ова чудовиште сме сите ние, почитувани граѓани.
Да не дозволиме да `не изеде, да го спречиме еднаш засекогаш.
Вистината за Македонија, благодарение на чесните луѓе кои постојат во институциите на системот извади на површина, во какви ненормални околности сме живееле сите ние, сите изминати 9 години.
Ги гледаме деновиве Груевски и другите до него како лажат и измислуваат изговори и оправданија, дека аудио снимките биле креирани, монтирани, лепени и прелепувани. Да не е жално, би било смешно да кажете дека не е точно тоа што го зборувате со сопствениот глас, на аудио снимките во сопствени телефонски разговори. Не ви поминуваат веќе вашите лаги. Готово е!
Почитувани граѓани,
Да не дозволиме никогаш повеќе ова да се повтори.
Продолжуваме…“– истакна Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk