Кинескиот поет Беи Дао, добитник на „Златен венец“ на СВП за 2015

Кинескиот поет Беи Дао е лауреат на наградата „Златенвенец“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 година.

Одлуката денеска во Македонската академија на науките и уметностите ја соопшти претседателот на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Славе Ѓорго Димоски.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето пред присутните рече дека Струшките вечери на поезијата се наш национален бренд и потврдуваат дека Република Македонија е земја која силно ги респектира различностите, културните вредности и автентичните поетики кои го чинат европското и светското културно богатство, но оваа манифестација на извонреден начин го збогатува и европскиот и светскиот културен простор.

Творештвото на Беи Дао, посочи министерката, е особено значајно по своите естетски и поетички особености.

„Неговата поезија која изобилува со свежина и метафори, критичарите во своите рецензии ја оценуваат како автентична, уникатна и необично богата инвенција. Кинескиот поет, кој стана поетски глас на неговата генерација во 1970-тите, денес е еден од најистакнатите личности на кинеската модернистичка белетристика, автор кој создал песни кои ги надминуваат границите на книжевноста на негово време“, истакна Канческа Милевска. Таа додаде дека Струшките вечери на поезијата се наша гордост, репрезент на македонската култура и традиција во светот.

03_struski_veceri_640

„Токму затоа, во оваа прилика, би сакала да изразам посебна благодарност за заложбите на раководството на „Струшките вечери на поезијата“ предводени од директорот на оваа национална установа, Мите Стефоски, кој во изминатиот период вложи големи напори во внесувањето новини во концепцијата на фестивалот, но и неговата интензивна меѓународна промоција на фестивалите во повеќе земји во светот. Од исклучително значење е што токму Струшките вечери на поезијата оваа година се вмрежија во „Версополис“, единствената европска поетска платформа, која е поддржана од програмата Креативна Европа на Европската унија“, рече Канческа-Милевска.

02_struski_veceri_640