Министерска конференција во Виена

„Џихадизмот, преку радикалниот екстремизам и тероризмот, претставуваат сериозна безбедносна закана за сите земји од светот, вклучувајќи не и сите нас. Поради тоа, сите ние треба да соработуваме и преку соодветни мерки за навремена превенција и одговор, да ги спречиме можните безбедносни проблеми кои овие групи би ги направиле во нашите земји“. Ова, меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на министерската Конференција што во организација на австриските министерства за внатрешни и надворешни работи се одржува во Виена, а на тема “Справување со џихадизмот заедно – обликување-превенција-реакција“.

Во своето излагање во рамки на вториот панел посветен на превенцијата минстерката Јанкулоска посочи дека сирискиот и ирачкиот конфликт мобилизираа доброволци-џихадисти од целиот свет, вклучувајќи ја и Р.Македонија.

„Како целни групи се јавуваат млади лица, и притоа мотивот за нивно учество во исламистички паравоени формации е различен. Повеќето од нив заминуваат водени од идејата за воспоставување „калифатска“ држава, а поединци се воени ветерани/платеници чии мотиви се исклучиво од финансиска природа. Голем број странски доброволци потекнуваат од европските земји, а од летото 2012 година регистрирано е учество и на стотина македонски државјани“, потенцираше Јанкулоска.

Како што нагласи Јанкулоска, Република Македонија во континуитет ги надградува своите нормативни и институционални капацитети за спречување на можни терористички закани и неутрализирање на последиците од џихадизмот.

„Соочувајќи се со опасностите од враќањето на доброволци-џихадисти во земјата, кои се категоризираат како висок безбедносен ризик, Р.Македонија направи исчекор и се вброи во земјите кои го санкционираат учеството на македонски државјани во странска војска, а во таа насока се и најновите измени во Кривичниот законик на Република Македонија, со вметнување на нови членови со кои се санкционира регрутацијата, обуката, агитирањето, логистиката, финансирањето и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата и во странски паравојски и терористички организации. Ова јасно укажува на цврстата определба на Р.Македонија за натамошно активно учество во меѓународната борба против тероризмот“, нагласи Јанкулоска.

Инаку, на министерската Конференција учествуваат министрите за внатрешни и надворешни работи на Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Албанија и земјата домаќин Австрија, кои дебатираа на три панел сесии посветени на обликувањето, превенција и реакцијата по однос на проблемот со џихадизмот.