Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во изјава за медиумите рече дека СДСМ поднесе 21 кривична пријава за дела против изборниот процес.
„Денеска поднесуваме 21 кривична пријава против повеќе од 17 сторители на кривични дела против изборниот процес.
Тоа значи дека кривичните пријави коишто ги поднесовме до Обвинителството опфаќаат: злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на лични податоци, присилба, предизвикување на општа опасност, фалсификување на исправи, противзаконско посредување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата за определување за време на изборите, повреда на тајноста на гласањето и злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања.
Сите тие 21 кривична пријава, базирани само на доказите коишто ги доставивме и до јавноста, за криминал за време на изборите, се веќе во Обвинителството.
Знаете дека не веруваме во објективноста, професионалноста и независноста на правосудниот систем во Република Македонија а откако излегоа сите овие докази и снимки на површина и јавноста веќе нема доверба.
Меѓутоа, поднесувањето на кривичните пријави го правиме со цел да покажеме дека ние ги почитуваме Уставот и законите на Република Македонија. Сакаме да оставиме и пишан траг во овие институции дека некој мора да сноси одговорност за недозволените криминални и незаконски дејствија за време на серија од изборни циклуси.“- изјави Шеќеринска.