Промовиран шестиот том од „Толковниот речник на македонскиот јазик“

Јазикот е значаен сегмент од целокупното културно наследство на еден народ. Тој е компонента која го детерминира потеклото на народот, неговото минато и без него идентификацијата во светски контекст е невозможна. Токму затоа јазичното богатство вметнато меѓу кориците на Македонскиот толковен речник е непроценливо богатство за нашиот народ.

Ова го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето на денешната промоцијата на шестиот том од „Толковниот речник на македонскиот јазик“, кој содржи зборови од буквата „т“ до „ш“. Таа подвлече дека оваа публикација е од највисок национален интерес и претставува капиталното дело за македонската лингвистика.

„Денешната промоција е исклучително значајна бидејќи со заокружувањето на овој проект чија што реализација беше поддржана од Министерството за култура, ние добиваме дело кое ја носи во себе информацијата, доказот, фактите за тоа колку е единствен и поинаков нашиот јазик од другите, колку тој во себе носи богата лексика, синтакса и колоритност со безброј изразни средства кои може да се прикажат во еден речник. Создавањето на Толковниот речник е несомнено историски чин со кој сите ние, а верувам и генерациите по нас ќе се гордеат со посебно чувство на припадност и идентитет“, рече министерката Канческа – Милевска.

Еден од промоторите на публикацијата, проф. д-р Људмил Спасов, се согласи дека станува за историско остварување, проект со кој една нација со својот стандарден или литературен јазик станува дел од пошироката култура, кога може да си го разтолкува своето зборовно богатство со сопстевниот јазик.

„Проектот е многу тежок, обемен и долготраен. Истовремено мораме да признаеме дека не наидувал само на отворени патишта туку и на прелки во неговото остварување и е почнат многу одамна, практички со основањето на овој Институт бидејќи постои една огрмона картотека на македонското зборовно богатство. И сега сме во моментот кога имаме едно целосно освраување“, рече Спасов.

Тој нагласи дека не треба да го заборавиме и македонскиот толковен речник со српско-хрватски толкувања чиј главен редактор беше Блаже Конески, што е и, вели, основа и појдовна точка на овој проект. Спасов упати и забелешка за, вели, исклучетелно малиот број примероците во кои е печатен Толковниот речник од првиот до шестиот том и изрази надеж дека наскоро ќе излезе негово второ издание во доволен број бидејќи треба да го има секоја културна и јавна институција во РМ.

Проф. д-р Снежана Велковска, раководител на проектот, рече дека процесот на реализација се одвивал низ повеќе фази, од кои подготвителната е малку подолга бидејќи треба да подготви репрезентативен материјал од сите стилови, кој потоа е лексикографски обработен, а лексикографската обработка траела 14 години од 2000 до 2014 година. Таа изрази надеж дека во следниот период проектот ќе биде дигитализиран.

„Картотеката од која се работи овој материјал не се дигитализира иако е заштитена ex lege. Меѓутоа се уште дигитализацијата не е започната. Тоа емногу важно бидејќи ливчињата избледуваат, се чувани во несоодветни услови, бидејќи толку имаме можности и под итно би требало да се дигитализира самата картотека. Дури и самата карторека да се пушти да биде на интернет и да биде достапна секаде во светот, а не само она што како лексикографи сме го обработиле во печатеното издание“, рече Велковска.

Директорката на Институтот за македонски јазик проф. др. Елена Јованова Грујовска рече дека со промоцијата на шестиот том од Толковниот речник се заокружува еден четиридецениски проект на Институтот во кој беа вклучени многу научни работници, а кој ќе биде добра основа за следните двојазични речници, за нови проекти и за изработка на магистерски и докторски дисертации. Таа се осврна и на потребата од ново издание на речникот.

„Првите три тома се исцрпени и тоа покажува колку е голем интересот за Толковниот речник. Тимот е со став дека треба да се направат мали корекции, затоа што во изминатите 13-14 години се случиле промени во јазикот и тоа треба да се претстави. Меѓутоа се надеваме дека ќе добиеме и финансиска поддршка за тоа“, рече Јованова Грујовска.

По обемната ексцерпција и оформената картотека, од 2003 до 2014 година се објавија шест тома на Толковниот речник на македонскиот јазик под редакција на проф. д-р Кирил Конески, проф. д-р Живко Цветковски и проф. д-р Снежана Велковска.

Како автори се јавуваат 20 лингвисти-македонисти, повеќето од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а дел се од сродни образовно-научни институции. Печатењето на речникот е финансирано од Министерството за култура на Република Македонија.

tolkoven_recnik_03 tolkoven_recnik_05 tolkoven_recnik_06_640_400