Охрид ќе биде град-домаќин и покровител на годинешниот туристички саем во Скопје

Претставници на Стопанската комора за туризам и Скопски саем на денешната средба со градоначалникот Никола Бакрачески упатија официјална покана Охрид да биде град-домаќин на јубилејниот Петти туристички саем Skopje Travel Market, што ќе се одржи од 7 до 9 мај. Градоначалникот Бакрачески се заблагодари и ја прифати поканата при што потенцира дека тоа е одлична можност за презентација на понудата на Охрид, најголемиот и најразвиениот туристички центар во Република Македонија.

„Ова е одлична можност за комплетна презентација на туристичка понуда на Охрид , пред учесниците и посетителите на овој голем меѓународен туристички саем. Покрај претставувањето на понудите на поголемите хотелски и угостителски капацитети за претстојната туристичка сезона, како град домаќин, на саемот ќе има можност да се претстават и понудите на станоиздавачите од помал обем, занаетчиите, понудите од алтернативниот,пред се руралниот туризам и на другите чинители во оваа стратешка стопанска гранка“. – рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Според него, посебно важно е тоа што на едено место, на најголемиот штанд на саемот, покрај другото ќе се афирмираат и стратегиите за продолжување на сезоната преку развој на културниот, здраствениот, спортскиот и други форми на туризам.

Претседателката на Стопанската комора за туризам Лела Крстевска, истакна дека со вклучувањето на Охрид како домаќин на туристичкиот саем, Skopje Travel Market, на оваа манифестација и се дава нова позитивна димензија.

„Охрид е нашиот најголем туристички центар и затоа, ние како комора сме заинтересирани за што поголема негова промоција, со што значително би се продолжила туристичката сезона. Токму затоа, наши експерти се вклучени во креирањето на пакети за туристи од прекуокеанските земји, проект што е финансиран од ОЕCD и Европската унија. Се надеваме дека во тие кружни европски тури Охрид ќе биде вклучен со едно или две ноќевања“. – рече Крстевска.

Организаторот, Скопски саем, како што најави нивната претставничка Валентина Димитрова, за презентација на Охрид, како град-домаќин обезбеден е голем штанд на централно место. Таа додаде дека тоа е можност за покоплексна и шаренолика презентација на туристичката понуда на Охрид на оваа голема меѓународна саемска манифестација. Досега за учество на саемот, покрај од Република Македонија пријавени се туристичко-угостителски чинители од Турција,Србија и Црна Гора, но до крајот на рокот се очекува да се пријаватат претставници од уште десетина земји.

Turisticki_saem_Skopje_2015_4851