Заев: Груевски е фатен во мега корупциски тендерски скандали

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конфернција, на која истакна:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Ветивме дека целата вистина за злосторството што е правено врз нашиот народ и на нашата земја, ќе ја дознаат сите. Тоа го докажавме досега и продолжуваме да го докажуваме.

Денеска, на домашната и на меѓународната јавност им е повеќе од јасно дека во Македонија нема слобода и демократија, дека европските вредности целосно се уништени.

Досега, меѓу другото покажавме колку бил нечесен Никола Груевски кога се работело за неговиот личен интерес. Купувал огромни, атрактивни парцели на Водно, вредни милиони евра и се криел позади оф шор компании формирани за негови потреби.

Со тоа што денеска ќе го слушнете и видите ќе сфатите дека парцелите и оф шор компаниите се само мал доказ за нечесноста на Никола Груевски, но и за неговите мегаломански апетити.

Денеска ќе бидеме сведоци на суровата и горчлива вистина којашто ќе потврди дека сиве овие години, Груевски, под чија наредба се казнуваа и затвораа граѓани на секој чекор во име на правдата и законите, е всушност оној за кој не постои ниту закон, ниту Устав, ниту совест.

Денеска сите ќе бидеме сведоци како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, како правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони, за негови сопствени цели и интереси – како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите!

Првиот разговор што ќе го слушнете на денешната прес конференција е помеѓу Никола Груевски и директорот на РЕК Битола, Владо Чинговски. Од овој разговор ќе слушнете како лично Груевски мести тендер што треба да го добие еден од сопствениците на телевизиите кои му помагаат во актерството со коешто се одржува на власт – сопственикот на Сител телевизија, Горан Ивановски. Па Груевски и Чинговски договараат помош, за “кратовчанецот“, да направи “конзорциум“ и “сите да се задоволни“. Станува збор за местење тендер за ископ на јаглен во Битола, што треба да го добие сопственикот на Сител, затоа што, како што вели Груевски, “кратовчанецот знаеш зошто ни е многу битен“.

Во првиот разговор ќе видите и зошто еден од поголемите бизнисмени во државата постојано дава изјава по медиумите зборувајќи “колку е добра“ економската состојба во Македонија. Тоа е бизнисменот Сеат Кочан, кој, според наши информации е многу добар пријател на Груевски и еден од оние, со кои, според кажувањата на Груевски, имаат одлична соработка.

Еве го тој разговор.

Лицето КБ е Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Да не се мачите.

Следните два разговора откриваат како Груевски го подготвува амбиентот за местење на тендерот за пругата Куманово – Бељаковце, како за фирмите зборува во шифри со првите букви од земјите од коишто доаѓаат: Германија, Чешка, Грција и Австрија. Ќе слушнете како Никола Груевски, лично, во фаза на разгледување на документацијата, има намера “да стапи во контакт со некоја“ па сака да биде сигурен на која, како што вели, “може да и се среди“.

Слушнете.

Следните два разговора ќе покажат многу јасно на каква мака се соработниците на Никола Груевски, па дури и кога се работи за послушник и извршител како што е Миле Јанакиески.

Слушнете какви притисоци прави Груевски врз Јанакиески, противзаконски да потпише документ за промена на фасадите на ЕВН и на Сити Галери во барокни фасади. До каде оди суровоста на Груевски покажува настојувањето на Груевски кон Јанакиески, убедувајќи го дека нема да биде тој што ќе бил вовлечен во криминал, дека “таа“ од општина Центар ќе ја имала одлучувачката улога, ама од неа, сепак, да сокријат дека тоа што го прави не е законски.

Еве ги тие разговори.

Ова што го слушнавте е незаконски и згрозувачки.

Но следните неколку разговори, почитувани граѓани, ќе го отворат пред јавноста еден од најголемите финансиско – корупциски скандали, каков што не познава нашата земја, па и поширокиот регион.

Најавата за тоа што следува ќе ја почнам со потсетување на разговорот помеѓу Ставрески и Јанкулоска, во којшто Ставрески реагира за договорот со Кинезите за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Еве го тој дел од разговорот.

За овој огромен финансиски проект вреден точно 580 милиони евра не постои тендер туку одлуката е донесена со донесување на Законот во Собранието на Република Македонија. Во вакви околности, кога веќе нема тендер и може да се договори најслободно во четири очи со фирмата изведувач на проектите, тогаш на потег доаѓа Груевски. Откако веќе ја договорил изградбата на автопатот Миладиновци – Штип со истата фирма, за 206 милиони евра – пари што се кредит и треба да ги враќа нашиот народ, односно секој од вас, од нас, поединечно, почитувани граѓани, Никола Груевски влегува во акција со таа фирма да го договори и автопатот Кичево – Охрид.

Иако проценката на Агенцијата за патишта е 270 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид, сепак по налог и директива на Груевски, министерот Миле Јанакиески, вице премиерот Владимир Пешевски и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, се договараат за изведба на автопатот Кичево – Охрид, во вредност од 373 милиони евра. 103 милиони евра повеќе од проценката на Агенцијата за патишта на Република Македонија!

Но, тоа не е единствениот успешен потфат на Груевски во овој проект. Груевски успева да договори повторно да биде избрана истата фирма, којашто веќе е договорена за изградба на автопатот Миладиновци – Штип, и тоа, како што вели самиот тој “на ист начин и под исти услови“.

Условите се 5 проценти од проектот или помеѓу 15 и 18 милиони евра провизија и тоа само од автопатот Кичево – Охрид, а од двата автопата заедно, нели “на ист начин и под исти услови“ како што самиот Груевски вели во разговорите, вкупно, повеќе од 25 милиони евра!

Следуваат разговори што покажуваат како се прават подготовки, планови, преговори со Кинезите, коишто траат до доцна во ноќите, а преговарачите Груевски и соработниците се прилично упорни во преговорите, но и “успешни“ кога се работи за нивните лични интереси.

Еве ги разговорите – доказ за еден огромен грабеж во Македонија.

Следуваат 11 разговори.

Како што можевте да слушнете на крајот, само со едната фирма, на најнечесен начин го договараат добро подготвениот план, за сето тоа, во финалето, да го верификуваат со донесување на Закон во Собранието на Република Македонија, за реализација на двата автопата, со фирмата којашто стои во документите.
Еве го Законот што Собранието на Република Македонија го донесе на 25 октомври 2013 година, во којшто се потврдува изборот на оваа фирма и двата договора, во вредност од 206 милиони евра за автопатот Миладиновци – Штип и 373 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид.

За крај, на оваа прес конференција ќе објавиме еден разговор на Миле Јанакиески со сопругата, во којшто, напоменуваме, нема никаква лична природа, но многу директно покажува во што може човек да се претвори, кога е доследен извршител и реализатор на валканите планови на Груевски, посветен денови и ноќи на реализација на мегаломанските и забегани цели на Никола Груевски.

Слушнете го овој последен разговор за денеска.

Зарем треба уште докази за да сфатиме сите каков глумец ни ја води државата цели 9 години? Што уште треба да објавиме за да сфатиме што всушност се крие зад “ликот и делото“ на Никола Груевски?!

Со сопствениот глас, преку своите телефонски разговори, Никола Груевски покажа на сите кое е неговото вистинско лице.

Затоа тој е исплашен.

Исплашен е и од себе и од своите. Исплашен е и од народот.

И треба да биде исплашен. Готово е!

Никола Груевски, сеуште имаш шанса сам да заминеш и да ја ослободиш Македонија од маките.

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, зарем треба да продолжите да поддржувате вакви луѓе?

Почитувани граѓани,

Беше јасно и пред објавувањето на Вистината за Македонија што и се случува на нашата земја. Со овој процес тоа се потврди.

Да не дозволиме ова повеќе никогаш да се повтори!

Ова сеуште е само дел од доказите за Вистината за Македонија.

Продолжуваме…“- истакна Заев.

Извор: ww.sdsm.org.mk