Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Саудиска Арабија и на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, Н.Е. г. Талам Салем Радван, претседателот Иванов истакна дека во основата на односите меѓу двете земји е духот на меѓусебното разбирање и почитување, со бројни потенцијали за соработка во многу сфери од заемен интерес. Македонскиот претседател ја нагласи потребата од продлабочување на економската соработка како и збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на билатералните односи и соработка.
Новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, во поздравното обраќање ги констатираше добрите односи меѓу двете земји, изразувајќи увереност за нивното понатамошно зацврстување.
Meksiko_akreditivi_1На свеченоста по повод предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави, Н.Е. г. Хосе Еваристо Рамон Шилоти Рамирес, претседателот Иванов изрази задоволство од успешниот и нагорен развоен тренд во билатералните односи меѓу двете држави, со надеж за искористување на потенцијалите за соработка во сите области од заемен интерес, особено во економската културната и образовната сфера, како и сферата во доменот на науката и технологијата.
Новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави, истакна дека Македонија и Мексико се географски оддалечени, но кога постои волја за меѓусебно разбирање и соработка, далечината е неважна. Двете нации знаат дека соработката меѓу народите е формулата за реализирање проекти од заемен интерес.
Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.