Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „проневера во службата“, „фалсификување на службена исправа“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „компјутерска измама“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.С. (46) од Охрид.
Пријавениот, во периодот од 24 ноември 2011 до 11 јануари 2013 година, во својство на службено лице-јавен службеник задолжен за доделување и наплата на гробни места во ЈП „Градски гробишта“ Охрид, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, свесно противправно присвоил пари доверени во службата од наплата на гробни места од тринаесет граѓани во вкупен износ од 352.153,оо денари. На сите тринесет лица кои купиле гробни места, пријавениот Н.С. им изготвувал писмени договори за купување а примероците кои им ги издавал на странките, ги заверил со лажни потписи во делот кој се заверува со потпис од страна на директорот на јавното претпријатие. За да не бидат откриени фалсификатите, примероците од овие спорни договори кои требало да се предадат во службите на јавното претпријатие, биле уништени и ги нема ниту во сметководство на ова претпријатие, ниту во архивата од договорите.
Пријавениот Н.С. доведувајќи ги во заблуда, успеал да наведе неколку граѓани да купат гробно место, составувал писмена изјава за промена на носител на право на употреба на гробно место и во комјутерската евиденција на ЈП „Градски гробишта“ внесувал нови лица како старатели без да постои соодветен писмен договор или друг правен основ за стекнување со права на конкретното гробно место.
Тој, примил пари во готово и со свој ракопис составил писмена потврда која заедно со примените пари никогаш не ги предал во службата. Парите за наведеното гробно место ги присвојувал и врз основа на лажна изјава вршел промена на податоците во комјутерскиот систем, го бришел старателот-сопственикот на конкретното гробно место и на негово место внесувал други лица-сопственици.